ОПАСНАТА ВИОЛЕТОВА МЕДУЗА СЕ ПОЈАВИ ВО ГРЦИЈА Македонците предупредени да бидат внимателни на грчките плажи

Присуството на овој вид медуза е потврдено во морските области кај градот Волос, во северниот и централниот дел на островот Евија, како и кај островите Скијатос и Скопелос – дестинации кои секое лето се меѓу најпосетените од македонските граѓани.

1,265

Македонските туристи кои годинава ќе летуваат на грчките плажи треба да бидат крајно внимателни – во водите на неколку популарни дестинации е регистрирано зголемено присуство на виолетовата медуза, предупредуваат од Грчката опсерваторија за биодиверзитет.

Се работи за видот „Pelagia noctiluca“, кој според експертите е „импресивен, но и опасен“ поради неговиот силен убод. Присуството на овој вид е потврдено во морските области кај градот Волос, во северниот и централниот дел на островот Евија, како и кај островите Скијатос и Скопелос – дестинации кои секое лето се меѓу најпосетените од македонските граѓани.






– Доколку пливате или посетувате плажи во овие делови, бидете особено внимателни. Убодот од „Pelagia noctiluca“ е многу болен и може да предизвика силна реакција, особено кај деца или лица со чувствителна кожа – предупредуваат од опсерваторијата.

Посебно е загрижувачка ситуацијата во близина на градот Халкида, каде водите од заливот Пагаситикос се отвораат кон отворено море, овозможувајќи ширење на медузите.

Од организацијата наведуваат дека слична ситуација со масовна појава на виолетовата медуза се забележува и во други медитерански земји – Гибралтар, Шпанија, Франција, Италија и Јадранскиот брег, слично како и во периодот 2020–2023 година.

Во случај на убод, експертите советуваат:

– Остатоците од медузата да се отстранат со пластичен предмет (на пр. кредитна картичка), никогаш со раце;

– Местото да се измие само со морска вода (не со обична вода или оцет);

– Да се нанесат ладни облоги или мраз за намалување на болката;

– Да се употреби крем со кортизон за намалување на воспалението.

Иако не претставува животозагрозувачка опасност за здрави луѓе, виолетовата медуза сепак може да предизвика сериозна непријатност, па затоа се препорачува внимателност, особено кај деца и постари лица.

Поврзани содржини