📽️ 📷 „НЕ ДИШЕШЕ, СРЦЕТО НЕ Ѝ ЧУКАШЕ“ Четиригодишно девојче од Македонија спасено на плажа во Грција од херои од Србија
Додека лекарите се бореле за животот на девојчето на песокот, на плажата пристигнал и спасувачкиот тим кој донел дополнителна опрема за стабилизација на телесната температура и поддршка на дишењето.
Вистинска драма се одигра во петокот попладне (20 јуни) на плажата во Неа Врасна, Грција, кога четиригодишно девојче од Македонија било извадено од морето без знаци на живот. Брзата и стручна интервенција на медицинскиот техничар Саша Костиќ од Србија и неговата колешка, докторката Душка Стојановиќ, го спасија детето од сигурна смрт.
– Бев во плиткото со син ми кога одеднаш видов паника кај еден пар – родителите носеа девојче кое не покажуваше знаци на живот. Без двоумење истрчав кон нив – раскажа Костиќ за српската телевизија Прва, опишувајќи ја сцената што личела на сцена од хорор филм.
Според него, девојчето било без свест, со знаци на срцев застој и можно задушување.
– На помош ми се придружи и мојата колешка, д-р Душка Стојановиќ. Сфативме дека станува збор за секунди – дека детето умира пред нас. Почнавме веднаш со реанимација, правевме срцева масажа и обид за отворање на дишните патишта – вели Костиќ.
Додека лекарите се бореле за животот на девојчето на песокот, на плажата пристигнал и спасувачкиот тим кој донел дополнителна опрема за стабилизација на телесната температура и поддршка на дишењето.
– Девојчето оживе. Тоа беше момент кој никогаш нема да го заборавам. Ја вративме во живот. Почна да дише, стана свесна. Ја држевме будна додека доаѓаше брзата помош – продолжува Костиќ.
View this post on Instagram
По неколку минути пристигнала брзата помош, која го пренела детето во најблиската болница. Според српските медиуми, таму ѝ била укажана целосна медицинска грижа и состојбата ѝ била стабилизирана.
Девојчето сѐ уште е хоспитализирано, но лекарите очекуваат наскоро да биде пуштено на домашно лекување.
Од болницата, според српските медиуми, потврдуваат дека состојбата е добра и стабилна, а реакцијата на лекарите и спасувачите ја опишуваат како „пример за херојство и медицински професионализам“.
„Најстресниот ден во мојата кариера“ – Херојот од Неа Врасна раскажува за драмата со македонското девојче
Директорот на спасувачката служба BLS/AED/ERC, Христос Тиалиакас, го прераскажа инцидент, кој го нарече најстресен и најтрогателен во неговата кариера, пренесуваат грчките медиуми.
– Кога почнавме во 2017 година, бевме само двајца или тројца. Денес сме тим од 15 обучени спасувачи, подготвени за секоја ситуација – но денешниот инцидент беше најстресен и најтрогателен досега – вели Христос Тиалиакас, директор на спасувачката служба BLS/AED/ERC во Грција, кој лично учествуваше во спасувањето на четиригодишното девојче од Македонија на плажата во Неа Врасна.
– Со години сме се соочувале со секакви инциденти – дефекти, повреди, па дури и критични ситуации со загрозени животи. Но, никогаш не сум пуштил солза… до денес. Откако детето беше успешно стабилизирано и пренесено со амбулантно возило, сите ние што учествувавме – од спасувачи до медицинари – се прегрнавме. Сите плачевме. Овојпат тоа беа солзи на радост – раскажа Тиалиакас, опишувајќи ја емотивната кулминација на спасувањето.