ЗА ВРЕМЕ НА ГОРЕШТИНИТЕ ТИМОВИ НА ЦРВЕНИОТ КРСТ ЌЕ ДЕЛАТ ВОДА И ЌЕ ИМ МЕРАТ ПРИТИСОК НА ГРАЃАНИТЕ Пет мобилни екипи со лекари и со парамедици ќе патролираат низ Скопје
Мобилните екипи ќе дистрибуираат вода и летоци со совети, ќе им мерат притисок на граѓаните кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето.
Црвениот крст на град Скопје подготви акциски план што опфаќа теренски активности за справување со топлински бранови, информира организацијата. Согласно искуствата од претходните години, мобилни екипи составени од лекар или парамедик ќе патролираат низ градот Скопје, ќе дистрибуираат вода и летоци со совети, ќе им мерат притисок на граѓаните кои ќе се пожалат на тегоби, а за потешките случаи ќе биде обезбеден и транспорт до најблиската медицинска установа или до домот на лицето.
– За активностите во наредниот период ќе бидат ангажирани 15 волонтери од тимот за одговор при катастрофи, 5 возила ќе патролираат низ градот. За наредните денови – среда, четврток и петок, планирано е 5 мобилни тимови да излезат на терен и тоа во периодот од 11 до 16 часот. Тие ќе патролираат низ централното градско подрачје и на поголемите автобуски постојки – се додава во соопштението.
Активостите ќе продолжат согласно прогнозите за високите температури.
– Планот ја опфаќа и грижата за здравствената и психо-физичката состојба на бездомниците во Скопје. Во пунктот за бездомници во Момин Поток на располагање ќе биде мобилниот телефон 071-223-972 за дојави од граѓани за бездомници кои се погодени од топлинскиот бран – истакнуваат од Црвениот крст.
Од УХМР вчера најавија дека денеска и во следните денови времето ќе биде натпроселно топло, со температури до 40 степени.