„МАНЕВ Е ОРГАНИЗАТОР, ВИДЕВСКИ Е ПУКАЧОТ, КЕШИШЕВ Е СТРАЖАР“ Палевски го обвини Боре дека ги убил Вања и Панче

Според Палевски, планот на ОЈО бил како да наместат две убиства, кои веќе биле докажани, но потребно било друг да биде сторител, а судот да осуди човек кој нема врска со тоа.

4,469

Манев е организатор, Видевски е пукач, Кешишев е стражар, рече првобвинетиот Љупчо Палевски денеска во судот откако претходно беше прашан од таткото на убиената Вања во две реченици да каже кој ја убил неговата ќерка.

По оваа реченица Боре ги крена рацете и се фати за глава.






– Ќе ја испочитувам желбата на оштетениот, обвинетот Александар Ѓорчевски, да одговорам зашто е убиено недолжно дете, неговата Вања Ѓорчевска, но не можам во две минути. Ова е моето последно јавно говорење во врска со убиството на неговото дете и ќе мора да сослуша, затоа што мојот завршен збор, завршува токму со тоа зошто е убиена, кој ја убил и тоа ќе биде мојот одговор на обвинетиот Ѓорчевски. Она што не го сработело ОЈО, го сработев јас во мојата одбрана – го почна својот завршен збор првообвинетиот Љупчо Палевски.

– Манев денеска во судот срцепарателно, покајнички објаснуваше дека јас сум тој што ги манипулирал, ги изневерил, дека бил под уцена дека после убиството на Панче сум кажал дека ќе го убијам него и неговото семејство. Но, никој не го праша зошто го сликал Панче на 13.11.2023 година во неговито автомобил? Со ниту една реченица Јосифовска не нѐ извести дека Манев го сликал Панче како стои до својот „цитроен“, околу 10 часот. Ја има во вештачените телефони. Зошто обвинет на кого му се заканува доживотен затвор не се сеќава каде му е пиштолот? Како може Боре да не знае каде му е „зброевката“? – рече Палевски.

Тој го обвини Манев дека ја следел и ја сликал жртвата.

– Случајно, единствен од сите обвинети кому во ОЈО на 6.12 му доаѓа идеја да каже дека Палевски слика жртви е токму Манев, кој е докажан сликач на жртви. Од таму му е идејата дека Вања е сликана. Никој не го праша Манев зошто сликата од Панче по една минута од сликањето му ја испратил на Боре Видевски, а не ја испратил на Палчо? И покрај тоа што рече дека се кае, Манев никогаш не рече се каам што го одбрав Панче, што го сликав и што го убив. Се пазарат и се лигават со судот, а никој не бара вистина и докази – рече Палевски.

Тој рече дека е обвинет за две убиства, со обвинителен акт од 17 докази, а потоа со посебно обвинение со вкупно 214 докази. Рече дека не постои трага, видео, доказ, сведок дека тој учествувал во ова злосторство. Палевски го обвини Обвинителството дека имало за цел да го злоупотреби Законот за кривична постапка и додека трае расправата тој да се запознава со доказите со што времето за подготовка на неговата одбрана било нула.

– Се барав себеси и не најдов ниеден траг дека сум бил присутен во возило на две места на грабнување и на две места на убивање. ОЈО не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на ОЈО и на Гаврил Бубевски. ОЈО функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби. ОЈО цели 5 месеци изведуваше докази, 2 месеци слушавме сведоци, но немаше сведочење како се извршени злосторствата, со ниеден сведок кој видел или слушнал било што. Морав да утврдам сѐ, како тоа за мене нема докази, а јас сум убиец – рече Палевски.

Според него, планот на ОЈО бил како да наместат две убиства, кои веќе биле докажани, но потребно било друг да биде сторител, а судот да осуди човек кој нема врска со тоа.

– Доказите покажуваат дека овој кривичен систем е орудие на Амбасадата на САД. Судењата се алатка за елиминација. За разлика од ОЈО, со докази, не со аналогии и лаги, ќе набројам прекршување на човекови права во истрагата и со лошиот Закон за кривична постапка и со неограничените дискрециски права на судијата. Шест дена по екстрадицијата бев во притвор без решение за притвор. Пред судијата бев донесен со свиткана глава и со уредно наредени медиуми. Имаше повик од Јанаки Митровски никој да не ме брани и делумно успеа, едвај обезбедив одбрана. Со докази од мојот вештачен телефон, спротиставив докази дека нивниот сведок Ерол Османи лаже. А на Османи не му е вештачен телефонот. Мојата одбрана за две тешки дела се темелеше на откривање на докази кои Обвинителството ги криеше или погрешно ги изведуваше. Мојата одбрана не се бореше само со ОЈО туку и со одбраната на Кешишев и на Манев, со вербални обвинувања кои се базирани на лаги – рече Палевски.

Тој наведе дека во обвинението е опишан како координатор, дека во „кангуто“ се најдени ДНК траги од Кешишев, Манев и од Видевски, а дополнително се пронајдени уште 4 ДНК траги, од кои една на Манев, на штитникот на сонце на возачкото седиште, а негови траги немало.

– Судијата го праша Кешишев дали Палевски прскал со WD-40 во „кангуто“, тој рече не. Сѐ уште не е измислена технологија со која можам да ја избришам само мојата ДНК, а да остане ДНК од другите. Во „ренџоверот“ најдоа вкупно 7 мои ДНК траги, за време на патување од 10 часа, а „кангуто“ сум го возел 4 дена, сум поминал 300 километри, а не сум оставил ниедна ДНК трага. Со две вештачења е утврдено дека не сум бил во „рено кангу“, а во обвинението стои дека јас сум бил во „кангуто“ кога е грабната Вања. Нема доказ дека „рено кангу“ било на местото на настан Дупки. Тоа докажува дека исказите на Кешишев и на Манев се лажни. За жал, обвинението е втемелено на лаги. Не негирам можност дека „кангуто“ било во непосредна близина на местото на настанот и дека на растојание од 100 метри може пеш да се оди и да се изврши злосторството, но такво нешто нема во исказите дадени пред ОЈО. Манев и Кешишев тврдат дека и јас и „реното“ сме присутни на местото на настанот – рече Палевски.

Тој тврди дека видеото од дворот на Манев е збир од повеќе инсерти од повеќе денови и часови и дека времето е фалсификувано.

– Манев рече дека не го сменил времето од летно од зимско, а судијата заборави да го праша дали и претходно заборавил да го смени од зимско во летно. Освен тоа, ако уредот е поврзан на интернет, зимското и летното време автоматски се менуваат. Дали од видеата може да се утврди времето на грабнувањето на Жежовски? Не. Дали може да се утврди местото на грабнување? Не. Начинот на грабнување? Не. Бројот на лица кои учествуваат? Не може да се утврдат. Еве и да е подготовка, тоа сепак не е доказ дека подготвуваното се извршило – рече Палевски.

 

Поврзани содржини