ВЕЧНА ИМ СЛАВА НА МАКЕДОНСКИТЕ ХЕРОИ Одадена почит на загинатите во терористичкиот напад во Диво Насеље

Денеска се навршуваат 11 години од вооружената престрелка во кумановско Диво Насеље, што се случи на 9 и 10 мај 2015 година, во која загинаа 8 припадници на безбедносните сили

6

Денеска се навршуваат 11 години од вооружената престрелка во кумановско Диво Насеље, што се случи на 9 и 10 мај 2015 година, во која загинаа 8 припадници на безбедносните сили. Во 28-часовната „мала војна“ животите ги загубија припадниците на безбедносните сили – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Во престрелката беа ранети 37 полицајци.

Повеќе делегации денеска положија свежо цвеќе пред спомен обележјето во нивна чест во Куманово, меѓу кои министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, државниот секретар, Сашо Петрушевски, началникот на СВР Куманово, Никица Петрушевски, членови на семејствата на загинатите, претставници од специјалните единци на МВР, АРМ, Царинска управа, синдикатите на полицијата, здруженија на граѓани, претставници од општината Куманово и политички партии.

Во организација на синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија (СПМ) денеска се одржува и меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, во спортската сала на СОУ „Перо Наков“. Ќе биде спроведена и хуманитарна акција за поддршка на полициски службеник.

Се одржа и панихида во соборниот храм Свети Никола.

– Единаесет години незаборав за хероите кои го дадоа животот за Македонија. Затоа се собираме секоја година да им оддадеме почит, да не ги заборавиме. Никогаш нема да ги заборавиме – рече Предраг Петрушевски, од група бранители.

Со длабока почит и неизмерна благодарност се сеќаваме на македонските херои, објави министерот Тошковски.

„Тие беа храбри припадници на македонската полиција кои во најтешките моменти застанаа во одбрана на државата, безбедноста и мирот на граѓаните. Нивната жртва останува врежана во колективната меморија на македонските граѓани како симбол на чест, достоинство и непоколеблива храброст. Нашата обврска е никогаш да не ги заборавиме и достоинствено да го чуваме споменот за нив. Македонија вечно ќе им биде благодарна.
Хероите живеат вечно! Нека им е вечна слава“, објави Тошкоски.

И градоначалникот на Куманово порача дека со длабока почит се сеќаваме на осуммината припадници на безбедносните сили, чии животи згаснаа на 9 и 10 мај во 2015 година.

„Нивната жртва е вечен симбол на храброст, посветеност и несебично служење за татковината. Единаесет години непребол нè потсетуваат и обврзуваат достоинствено да оддадеме почит, да градиме иднина без вакви трагични последици! Имаме должност да создаваме иднина на мир, стабилност, меѓусебна поддршка и заедништво. Нивниот подвиг е вистински поттик за сите нас, да продолжиме да градиме праведно и безбедно општество. Се поклонуваме пред споменикот на жртвите со неизмерна тага, изразувајќи благодарност до припадниците на македонските безбедносни сили, најискрена почит до нивните семејства, затоа што ги загубија најмилите во борбата за мир, праведност и безбедност на сите граѓани на Македонија“, напиша Димитриевски на Фејсбук.

Фото: Фејсбук страница на градоначалникот Максим Димитриевски
Поврзани содржини