„НЕКА КАЖЕ ПАЛЕВСКИ ЗОШТО МИ Е УБИЕНА ВАЊИЧКА?“ Таткото Александар ја очекува вистината од Палчо во две реченици
Сега, како што се приближи процесот кон крај, имам чувство на непотполност во поглед на вистината, која очекував да ја дознам, рече таткото на Вања.
Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, денеска во судот упати само едно прашање до првообвинетиот Љупчо Палевски – зошто е убиена Вања.
Тој рече дека целосно се согласува со искажаното со неговиот бранител Владимир Туфегџиќ кој побара Ѓорчевски да биде ослободен од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Адвокатот повика да се признае вистинската улога на Александар во овој случај – не како сторител, туку како оштетен и како жртва.
– На почетокот на самото судење имаше воведни зборови и убаво се сеќавам дека станав и изразив очекување дека сѐ ќе се дознае. Во текот на процесот, цело време мижам, но внимателно го слушам секој збор. Сега, како што се приближи процесот кон крај, имам чувство на непотполност во поглед на вистината, која очекував да ја дознам. Еден од обвинетите го посочи Палевски како човек кој ги има одговорите на сите прашања. Токму поради тоа, и само од тие причини, му се обраќам на Палевски, кој уште останува да даде завршен збор – нека стане, нека се поклони и не во саат и 20 минути, туку во две реченици нека ја каже вистината, зошто ми е убиена Вањичка – рече Ѓорчевски.