СЕ ВРАТИ СЈАЈОТ НА „МАКЕДОНСКО СЕЛО“ Мицкоски најави враќање во функција на заборавените објекти

„Ги повикувам сите оние кои што не го посетиле „Македонско село“, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект. Во преубав поглед, во преубави соби, апартмани, и сигурен сум во превкусна храна“, порача премиерот.

2,712

Објектот „Македонско село“ повторно ги отвори вратите за посетители, по години запоставеност и пропаѓање. Комплексот, кој се наоѓа на падините на Водно, доби нови концесионери и инвеститори, кои вложија во негово оживување, а денеска објектот официјално беше ставен во функција.

Премиерот Христијан Мицкоски присуствуваше на настанот и ја изрази својата благодарност до инвеститорите кои, како што рече, се охрабрија да го вратат сјајот на овој некогаш заборавен простор.






– За мене претставува задоволство што уште еден заборавен, запуштен и би рекол полу уништен објект се става во функција, тоа е овој комплекс, наречен „Македонско село“. Благодарност до инвеститорите, до концесионерите, кои што се охрабрија да инвестираат и да понудат и на Скопје и на сите оние кои ќе го посетуваат Скопје уште едно туристичко, алтернативно и би рекол, ултра квалитетно место – изјави Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните, како и туристите кои престојуваат во главниот град, да го посетат комплексот и да уживаат во содржините кои ги нуди.

– Ги повикувам сите оние кои што не го посетиле „Македонско село“, да дојдат во посета, да уживаат овде, во тоа што го нуди овој објект. Во преубав поглед, во преубави соби, апартмани, и сигурен сум во превкусна храна – порача премиерот.

Според него, ова е дел од поширока стратегија за ревитализација на напуштени јавни простори, која постепено се реализира низ државата.

– Во периодот кој што следи, ќе се погрижиме сето она кое што за жал изминативе седум години беше заборавено, уништено, девастирано, полека, но сигурно го обновуваме и повторно му го враќаме сјајот и го ставаме во функција – додаде Мицкоски.

Тој нагласи дека туризмот бележи сериозен раст и дека токму вакви проекти имаат улога во зацврстување на туристичката понуда на земјата.

– Туризмот бележи вонредни резултати. Кај странските гости имаме посебно голем раст, повеќе од 20% споредено со истиот период од минатата година. Очекуваме тој тренд да продолжи – рече Мицкоски.

Поврзани содржини