НЕКОЈ НА МАТКА ЌЕ МОЖЕ ДА СИ РАЗМЕНИ СТРУЈА СО НЕКОЈ ВО АЕРОДРОМ Еве зошто инвестирањето во панели и во батерии ќе стане лесно и исплатливо
За првпат ќе има правна рамка за складирање на електричната енергија. Складиште станува посебна енергетска дејност, посебна активност за која може да се јават компании и да добијат лиценца, дури и ако не се од таа дејност. Тие ќе можат да инсталираат складишта за струја.
Потребни ќе бидат ИТ експерти за да се имплементира идејата секој граѓанин или фирма да може во реално време, преку апликација или на интернет да има информации за своите системи за струја, меѓу кои и обновливите.
Вака беше речено на брифингот за новиот амбициозен Закон за енергетика кој, според директорот на Електродистрибуција Сашо Салтировски, е здрав темел кон европските директиви врз кои треба да се изгради „куќата“ од подзаконски акти со кои различни категории граѓани ќе можат да инвестираат во различни извори на струја.
Надоврзувајќи се на изјава на министерката за енергетика Сања Божиновска која најави дека со овие граѓански групи станарите во една зграда ќе можат да се договорат за поставување и управување соларни панели, Салтировски вели:
– Ако некој им викендичка на Матка со соларни панели ќе може да си размени струја со некој којшто живее во општина Аеродром. Ако еден граѓанин има електричен автомобил, друг соларен панел, трет батерија, сите тие имаат обврски. Тоа нема да се случи преку ноќ, потребна е дигитализација.
Според шефот на Електродистрибуција, законот предвидува жив систем во кој потрошувачот ќе биде на прво место.
Министерката Божиновска, која го нарече законот историски, го најави делот со складирање батерии. Новата дејност ќе им биде достапна на сите енергетски објекти, но со обврска за складирање една петтина од вкупната моќност на струјата.
– Ќе се олесни градењето на соларни централи. Секој нов енергетски објект ќе има обврска за 20% батерии, кои се новитет. Министерството ќе развие 10-годишен план за електропреносниот систем – изјави министерката.
Она што е ново е дека со вмрежување меѓу ЕСМ и МЕПСО, преносникот и дистрибутерот на струја, се намалуваат непознаниците за корисникот. Ова особено важи за инвеститорите кои ќе сакаат да вложат во производство на струја од зелени извори.
Заменик директорот на МЕПСО Александар Пауновски рече дека во членот 87 има одредби за обновлива енергија.
– Секоја централа која користи систем за обновлива енергија, мора да складира батерии со 20% од моќноста. Со ова се овозможува флексибилност на системот. Значи, мрежата побрзо ќе се управува при преноси на струја, дополнувања и така натаму – рече тој.
Пауновски потсетува дека за првпат ќе има правна рамка за складирање на електричната енергија. Складиште станува посебна енергетска дејност, посебна активност за која може да се јават компании и да добијат лиценца, дури и ако не се од таа дејност. Тие ќе можат да инсталираат складишта за струја. Тие ќе можат да учествуваат во пазарот на баланс на енергија.
Во МЕПСО и во ЕСМ имало дури 8.500 паралелни апликации од заинтересирани лица и фирми за произведување чиста енергија. Ова преклопување настанало поради моменталните непознаници за тоа што е потребно за да се инсталира соларен панел или ветерница или друг систем на сопствено земјиште.
– Нема повеќе само купување земја и дозволи и одење во ЕВН и во МЕПСО и оп, нема капацитет за приклучок. Сега ќе има предвидливост и инвеститорите ќе знаат – вели Салтировски велејќи дека промените се во синхронизирање на систем-операторите.
Пауновски од МЕПСО објасни дека се работи на „систем оф систем“, каде што операторите ќе си разменуваат податоци во реално време. Инвеститорите, од друга страна, нема да кружат меѓу институциите.
– Најголемата новина е процедура за приклучување на сите инвеститори кои сакаат обновлив извор на енергија до 1 мегават час, ќе има централизирана постапка со барање во Министерството, а МЕПСО и ЕВН заедно ќе го надгледуваат тоа – рече тој.
Пауновски уверува дека со новиот систем ќе бидат избегнати паралелните приклучувања и ќе се избегнуваат спорови меѓу претпријатијата.
– Законот препознава дека мрежата не е еднонасочна. Имаме 8.500 прелиминарни приклучоци, но со законот речиси сите се поништени бидејќи голем дел од нив се преклопени точки на ЕВН и МЕПСО – објасни Пауновски.
Со новиот закон МЕПСО ќе биде под капа на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Најавена е целосна компатибилност со европскиот модел „Clean energy package“.
– Законот ќе значи повеќе инвестиции, но и повеќе одговорност. За МЕПСО тоа значи и јасна регулација на системските услуги. Поддршка за воведување смарт решенија за пренос на струјата – додаде Пауновски.
Според студија во ЕУ, во наредните 10 години инвестициите во Унијата мора да се зголемат дупло, односно на околу 400 милијарди евра.
Новиот закон за енергетика кој веќе е на сила предвидува 10-годишен план за Македонија во кој обновливите зелени извори се приоритет за земјава.
Според челниците на енергетските оператори на брифингот за новинарите, спроведувањето на законот ќе ја стави Македонија на прво место во регионот и сигурно на мапата во Европа по имплементирањето на стандардите.