ОКОЛУ 1.400 ПРИЈАВИ САМО ЗА ДВА ДЕНА ЗА МЕРКАТА САМОВРАБОТУВАЊЕ Мерката предвидува помош до 10.000 евра за започнување бизнис
Досега се објавени 2 јавни повика на кои може да се аплицира до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.
Во првите два дена од објавата на огласите за мерката самовработување (претприемништво) од Оперативниот план за вработување се доставени околу 1.400 пријави, изјави денеска во Струмица заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова.
Таа рече дека интересот за мерката е голем и повика сите заинтересирани да аплицираат во некој од 30-те Центри за вработување низ државата.
Досега се објавени два јавни повика на кои може да се аплицира до 20 јуни, а во наредниот период ќе се објават јавни повици и за другите мерки од Оперативниот план.
Двете мерки вклучуваат и обука за претприемништво, подготовка на бизнис план, како и шестмесечно менторство за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески ги повика сите заинтересирани да аплицираат на некој од трите објавени јавни повици од рече дека посебен акцент е ставена на поддршката на младите лица.
– Со историски висок буџет за Оперативниот план, кој е зголемен за 7,5 милиони евра и годинава е во вредност од преку 40 милиони евра, како никогаш досега Владата дава поддршка за младите да започнат бизнис или преку практикантство и обуки да се стекнат со разни вештини со што би се зголемила нивната вработливост и тие би биле поконкурентни на пазарот на труд. Наша цел е да ги задржиме младите во Македонија, имаат пријател и партнер во Владата која ги поддржува, а најдобар доказ за тоа е овој Оперативен план, каде покрај бројните нови мерки наменети само за нив, во сите останати мерки е предвидено најмалку 40% од средствата да бидат наменети за младите лица – рече Ристески.
Со Оперативниот план за 2025 година директно ќе бидат опфатени над 16.000 граѓани. Планот се потпира на рекорден буџет од 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе од минатата година и претставува најамбициозна инвестиција на Владата во областа на вработувањето и социо-економскиот развој.