Поврзани содржини
Климатските промени се најголема здравствена закана со која се соочува човештвото, истите влијаат на човечките животи и здравјето на различни начини, а здравствените работници ширум светот веќе се соочуват со штетните последници на овие промени.
Др. Златана Петковска, специјалист кардиолог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ вели дека во последните десетина години сме сведоци на нагли временски промени. Сезоните се менуваат без преодни периоди, а дневните разлики во температурите понекогаш изнесуваат и до 20°C. Метеоролошките услови имаат големо влијание врз здравјето, а речиси половина од светското население страда од проблемите предизвикани од промената на времето.
Метеоролошките фактори кои влијаат на здравјето на луѓето вклучуваат промени во температурата и влажноста на воздухот, промени во атмосферскиот притисок, појава на дожд, грмежи, ветрови…
– Во случаи на екстремни временски услови како многу студени зими или топли жешки лета кои стануваат наше секојдневие мораме да бидеме внимателни. „Критични точки“ се транзициите помеѓу годишните времиња, кога најчесто се појавуваат проблеми предизвикани од флуктуациите на температурата , влажноста и воздушниот притисок.
Врската помеѓу временските промени и здравјето на луѓето ја забележал уште Хипократ кој нотирал дека дека климатските, односно временските промени, влијаат на луѓето позитивно или негативно, што зависи од средината во која живее човекот, неговата адаптација, возраста, психофизичката здравствена состојба. Сето ова укажува на мултидисциплинарен пристап за разгледување на оваа тема – посочува докторката.
Според д-р Петковска, брзите климатски промени, како осцилации на температурата за 20 или повеќе степени, големи промени во атмосферскиот притисок, итн, се причина за појава на здравствени проблеми како кај младата така и кај постарата популација особено кај оние кои веќе боледуваат од одредни хронични заболувања- кардиоваскуларни, пулмолошки, ревматолошки, а особено се потенцира кај психијатриските пациенти кои многу потешко ги поднесуваат овие нагли временски промени.
Симптомите се појавуваат од 24 до 48 часа пред промената на времето, а може да се манифестираат околу ден или два.
– Најчестите психолошки симптоми се замор, ненадејни промени во расположението, недостаток на концентрација, безволност, раздразливост и несоница. Физички, тие вклучуваат главоболки, мигрена, гадење, вртоглавица, ревматски тегоби и болки во мускулите. Во случај на болести на срцето и крвните садови, состојбата на основната болест може да се влоши во форма на забрзан пулс и зголемување на крвниот притисок. Кај луѓето кои страдаат од низок крвен притисок, поради промената на времето може да дојде до уште поизразен пад на крвниот притисок. Што се однесува до органите за варење доминираат знаците на гастритис и стомачни болки. Ненадејната промена на времето предизвикува поголема зачестеност на срцеви и мозочни удари, настинки, воспаление на респираторните органи и напади на астма кај постарите лица и хроничните кардиоваскуларни пациенти – заклучува докторката.
За надминување на овие проблеми д-р Петковска споделува неколку совети.
1.Здрав сон – уморниот човек е почувствителен на сè, вклучувајќи ги и временските промени. Затоа здравиот сон е многу важен за нашето тело. За време на спиењето се лачат супстанции кои го намалуваат нивото на хормоните на стресот, го регулираат крвниот притисок и ги зајакнуваат сите одбранбени механизми. Одморете се..
2.Физичка активност – на долг рок редовната физичка активност го зајакнува телото и му помага полесно да издржи разни напори и промени, вклучително и временските услови. Затоа е важно да се вежба континуирано, најмалку три пати неделно.
3.Секој ден поминувајте малку време на свеж воздух бидејќи тоа е одличен начин да спречите интензивни реакции на временските промени.
4.Здрава храна, внес на течности и витамини – за полесно да ги издржите температурните флуктуации, префрлете се на лесна храна и намалете ја употребата на сол и зачини. Јадете што е можно повеќе свежо овошје и зеленчук и пијте доволно течности.
5.Консултација со лекар- доколку имате хронично заболување, избегнувајте ја можноста за стрес и строго придржувајте се до препишаната терапија. Доколку нарушувањата што ги чувствувате траат подолго и се интензивираат, консултирајте се со лекар.