ВО „ПОНИКВА“ ЌЕ СЕ РЕХАБИЛИТИРААТ ПОВРЕДЕНИТЕ ОД КОЧАНИ Одморалиштето има 27 соби и 56 легла

Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите, соопшти владината портпаролка Марија Митева .

205

Владата следната недела ќе донесе Одлука со која одморалиштето „Пониква“ ќе му се отстапи на Министерството за здравство како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација на повредените во пожарот во Кочани.

Како што соопшти владината портпаролка Марија Митева на денешната прес-конференција, одморалиштето има 27 соби и 56 легла, а е лоцирано во природна и мирна средина што го прави погодно за пациентите.






– Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија. Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување – истакна Митева.

Во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и со медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето „Пониква“ и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.

– Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите. Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект. Овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба. Пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, „Пониква“ ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување – рече Митева.

Таа очекува во најкус можен рок да се завршат сите овие процедури, а медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план.

Поврзани содржини