ЛЕВИЦА ВО ИСПОМОШ НА СИДИКАТИТЕ Поднесува законски измени за минимална плата од 500 евра
Според партијата, сегашната минимална плата од 24.000 денари не е доволна за основна егзистенција.
Пратеничката група на Левица најави предлог измени на Законот за минимална плата со кои се бара зголемување на минималната месечна плата на 30.000 денари, почнувајќи од јули 2025 година.
Предлогот, како што истакна пратеникот Амар Мециновиќ, е изготвен во согласност со барањата на синдикатите и е одговор на тешката економска состојба во која се наоѓаат граѓаните.
– Ова го предлагаме веднаш по најголемото задолжување во историјата на Република Македонија – шест милијарди евра. За да се избегнат штетните ефекти од евентуални мерки на штедење, потребно е веднаш да се зголеми минималната плата – рече Мециновиќ.
Според него, сегашната минимална плата од 24.000 денари не е доволна за основна егзистенција и дека „граѓаните бројат денари и денови како да преживеат во услови на инфлација”.
– Од енергетската и корона кризата, па наваму, видовме како профитот на најголемите компании расте. Затоа товарот од економската криза мора конечно да го сноси бизнис-елитата, а не обичниот работник. Овој закон не ги ни исполнува потребите на нашите граѓани, но е чекор напред кон подобрување на нивната куповна моќ и егзистенцијална сигурност. Време е да се прифати ова решение – рече Мециновиќ.
Тој ја критикуваше Владата за, како што рече, системско разбивање на синдикалното организирање и притисоци врз работниците.