ОСОМНИЧЕНИОТ ЈАХОВСКИ СЕ ШЕТА НИЗ БОСФОР И ГИ ТРОШИ УКРАДЕНИТЕ ПАРИ ОД НАРОДОТ Да одговараат судиите што му издале пасош, бара ВМРО-ДПМНЕ

Судиите избрани од ДУИ и од СДСМ му го укинаа притворот и му го одземаа пасошот, бидејќи тој даде милиони евра како гаранција дека нема да бега. Сега се поставува прашањето како е тој во Турција кадешто ги троши милионите кои ги проневерил, прашува ВМРО-ДПМНЕ.

506

Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко перол“, кој го оштети Буџетот на државата за неверојатни 167 милиони евра и за кого се води кривична постапка за набавка на сомнителен мазут за ТЕЦ Неготино, ужива на Босфор, наместо да е во притвор, обвини ВМРО-ДПМНЕ. Судиите му дале пасош, иако претходно за него беше одредена мерка притвор, па домашен притвор, и за тоа судиите мора да одговараат, се додава во соопштението на партијата.

„Откако доби домашен притвор за кривично дело Перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и сомнително потекло, синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јаховски, сега можеме да го видиме дека е на Босфор, во Турција. Судиите избрани од ДУИ и од СДСМ му го укинаа притворот и му го одземаа пасошот, бидејќи тој даде милиони евра како гаранција дека нема да бега. Сега се поставува прашањето како е тој во Турција кадешто ги троши милионите кои ги проневерил? Од информации во јавноста дознаваме дека судиите му го вратиле времено пасошот на Јаховски, за тој да може да шета и ужива по Босфор со нашите пари, кои тој и неговите блиски ги украдоа од Буџетот на државата“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.






Правдата, се додава во соопштението, изгледа ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор.

„Затоа судиите мора да одговараат. Реформи во судството мора да има“, додава ВМРО-ДПМНЕ.

Асмир Јаховски е осомничен во истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, во периодот до 2021 до 2023 година, заедно со неколку други лица, меѓу кои и ексдиректорот на Електрани на Македонија, Васко Ковачевски, кој е во бегство. На барање на Обвинителството, во март во притвор завршија сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот секторски директор во ЕСМ Ардијан Муча, а Асмир Јахоски доби домашен притвор.

Од Кривичниот суд велат дека Јаховски е во Македонија и утрово се јавил во Судот, согласно мерките на претпазливост што му беа одредени.

Од Кривичен потсетуваат дека Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје го одби барањето за укинување на мерката притвор за лицето А.Ј, а потоа, по добиена жалба, Апелацискиот суд во април ја преиначи одлуката.

„Потоа, во текот на месец мај, од страна на одбраната на осомничениот беше доставено барање за враќање на патната исправа, односно издавање нова, кое барање беше одбиено од Кривичниот суд, по што, по добиена жалба, предметот беше доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје. Што се однесува до мерката повремено јавување во судот, согласно проверките, осомниченото лице редовно се јавува во Кривичниот суд“, информираат од Судот.

Апелациониот суд Скопје на 22 април соопшти дека му го укинале притворот на Јаховски со прифаќање гаранција во износ од 986.540 евра и со хипотека на недвижен имот во корист на Македонија. Апелација тогаш додаде дека на осомничениот му определиле мерки на претпазливост, односно обврска да се јавува повремено на определено службено лице во Кривичниот суд и привремено одземање на постојната патна исправа, како и забрана за издавање на нова патна исправа.  Од Апелација тогаш соопштија и дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Вишото јавно обвинителство Скопје се согласиле да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.

Останува неодговорено врз основа на што Апелацискиот суд потоа во текот на мај му дозволил на осомничениот Јаховски да добие пасош и да ја напушта Македонија кога сака, особено што истрагата за набавката на сомнителен мазут сè уште е во тек.

Поврзани содржини