📷 ОВА ЌЕ БИДЕ УКРАИНА Медведев објави карта со цела територија под руска контрола
Ако продолжи воената поддршка за бандеровскиот режим, безбедносната зона ќе изгледа вака - напиша поранешниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, во описот на видеоснимка објавена на социјалните мрежи. Терминот „бандеровски режим“ во овој случај служи за да се претстави украинската влада како екстремно националистичка.
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен претседател, Дмитриј Медведев, објави нова провокативна карта на Украина, на која речиси целата територија е обележана како т.н. „безбедносна зона“ под руска контрола, објави Бизнис инсајдер.

„Ако продолжи воената помош за бандеровскиот режим, безбедносната зона ќе изгледа вака“, напиша Медведев под видеоснимка, објавена на социјалните мрежи.
Што е „бандеровски режим“?
Терминот „бандеровски режим“ е пејоративен израз што го користат некои руски официјални лица, вклучително и Медведев, за да ја опишат актуелната украинска влада или нејзините поддржувачи.
Терминот потекнува од Степан Бандера (1909–1959), ултранационалистички лидер на фракција на Организацијата на украинските националисти (ОУН-Б) за време на Втората светска војна. Бандера и ОУН-Б се поврзуваат со контроверзни активности, вклучително соработка со нацистичка Германија и со злосторства врз цивили, особено Полјаци и Евреи.
Во овој контекст, „бандеровски режим“ се користи за да се прикаже украинската влада како радикално националистичка и да се оправда руската воена акција со повикување на историски асоцијации со екстремизам.
Медведев и порано се заканувал со окупација на Киев и Одеса, нуклеарни уцени кон Западот, па дури и со тоа дека руските тенкови би можеле да стигнат до Берлин.
Пред неколку дена, тој изјави дека Киев „можеби никогаш нема да го дочека 10 мај“, реагирајќи на одбивањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати тридневно примирје, предложено од рускиот претседател Путин.
На 22 мај, Путин ја извести руската влада дека ќе воспостави таканаречена „безбедносна зона“ долж украинската граница.