КАЛАС НАЈАВИ МОЖНОСТ ЗА ДЕБЛОКАДА Мицкоски бара Македонија и Бугарија да се соочат на средба во НАТО, пред претставници од ЕУ и од САД

Можеби од другата страна ќе слушнеме аргументи кои досега не сме ги слушнале. На пример, каде исчезнаа 200.000 Македонци од Западна Бугарија од 1956 до 1965 година, рече премиерот Христијан Мицкоски.

1,279

Има простор да се најдат механизми за да се одблокираат преговорите на Македонија за членство во ЕУ, најави денеска високата претставничка на надворешната и безбедносната политика на ЕУ, Каја Калас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по средбата во Владата.

– Јасно е дека сакаме навистина Македонија да се придвижи по патот кон ЕУ и знаеме дека има пречки на тој пат. Тоа го дискутиравме денеска, дискутиравме за да можеме да најдеме механизми за да се надминат тие пречки. Премиерот Мицкоски може подобро да ги објасни неговие идеи. Има простор каде би можеле да направиме нешто, не би објавувала детали. Доколку се придвижиме, ќе објавиме пред медиумите – рече Калас, одговарајќи на новинарско прашање за начините за деблокада на Македонија во ЕУ.






Премиерот Мицкоски соопшти дека иницираат билатерална средба меѓу Македонија и Бугарија, конкрено меѓу претседателите Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, на која двете страни ќе разменат аргументи, а на која ќе присутвуваат и претставници на ЕУ, НАТО и на САД.

– Ја отворивме и оваа тема со госпоѓата Калас. Оваа тема почна од средбата со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта. Сакаме за време на Хашкиот самит на НАТО да има билатерална средба на претставниците на Македонија и на Бугарија. Таму ќе биде претседателката Сиљановска Давкова и тоа е одлична можост за билатерална средба, на која би присуствувале петседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на ЕС Антонио Кошта, високата претставничка Каја Калас, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и дел од членките на НАТО, како најголемите, САД. За да можеме да ги кажеме на таа билатерална средба аргиментите – рече премиерот.

Досега имапе од една страна едни аргументи, од друга страна други, додаде тој.

– Кога ќе бидеме заедно на маса сите, добро е да разговараме, колку и да трае тоа. Ние прифаќаме и ја потврдивме определбата да опстоиме на тоа. Разговаравме и со претседателката Сиљановска Давкова и ќе се подготвиме најдобро што знаеме. Добро е да има таква средба на на која ќе може да се слушнат двете страни на маргините на самитот на НАТО – рече премиерот Мицкоски.

Ние како земја-членка на НАТО рефлектираме безбедност во регионот, додаде тој.

– Слушнавте за македонската контрибуција во регионалните иницијативи, за АЛТЕА во Босна и Херцеговина, да не зборувам за поддршката Украина, ние сме во првите 5 земји контрибутори по глава на жител. Ние сме фактор на стабилност, така треба да се однесуваме и да рефлектираме стабилност. Но, за жал, има сили во регионот што сакаат да рефлектираат нестабилност и би било многу добро да имате таков билатерален сстанок и да слушнеме аргуметни. На крајот од денот, ние треба да седнеме да ги слушнеме аргументите. Можеби од другата страна ќе слушнеме аргументи кои досега не сме ги слушнале. На пример, каде исчезнаа 200.000 Македонци од Западна Бугарија од 1956 до 1965 година – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Поврзани содржини