ЕУ ГИ УКИНУВА ЕКОНОМСКИТЕ САНКЦИИ ВРЗ СИРИЈА Остануваат мерките против Асадовиот режим

Исто така, ограничувањата за извоз на оружје, како и за стоки и технологии што би можеле да се користат за внатрешна репресија, ќе продолжат да важат.

242

Шефовите на дипломатиите на Европската Унија попладнево донесоа одлука за укинување на економските санкции врз Сирија, со цел да го поддржат сирискиот народ во обнова и стабилизација на земјата, соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

„Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија“, напиша Калас на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека „ЕУ отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на последните 14 години – и ќе продолжи да го прави тоа“.






Калас нагласи дека Европската Унија има за цел да игра водечка улога во закрепнувањето и идната реконструкција на Сирија, по повеќегодишната војна и хуманитарна катастрофа што ја зафати земјата.

Сепак, остануваат во сила санкциите против поединци и организации поврзани со режимот на поранешниот претседател Башар ал-Асад, како и против оние одговорни за насилната репресија и кршењето на човековите права.

Исто така, ограничувањата за извоз на оружје, како и за стоки и технологии што би можеле да се користат за внатрешна репресија, ќе продолжат да важат.

Како што потсетува агенцијата ДПА, земјите-членки на ЕУ уште во февруари се согласија за постепено олеснување на санкциите, како дел од стратегијата за поттикнување на економското закрепнување, стабилизација и долгорочна реконструкција на Сирија. Првите мерки, во секторите енергетика, транспорт и банкарство, беа суспендирани до јуни оваа година.

Поврзани содржини