ЗЕЛЕНСКИ ГО ПОТПИША ЕКОНОМСКИОТ ДОГОВОР СО САД Чудна тишина во Москва
Додека се чека одговор од Москва за најавените директни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул на 15 мај, украинскиот претседател го потпиша законот со кој се ратификува економскиот договор меѓу САД и Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша законот со кој се ратификува економскиот партнерски договор меѓу Украина и САД, На порталот на Врховната Рада беше ажуриран документот кој Зеленски го опиша како „историски документ кој отвора нова етапа во нашите односи“.
Договорот, потпишан на 30 април во Вашингтон, вклучува заеднички инвестициски фонд за поддршка на реконструкцијата на Украина. Финансирањето делумно ќе се обезбедува од приходите од експлоатација на природни ресурси.
Зеленски синоќа се обрати до нацијата во видео објавено на неговиот официјален канал на Телеграм, велејќи дека Русија сè уште не одговорила на предлогот за прекин на огнот.
– За жал, светот сè уште не доби јасен одговор од Русија на бројните предлози за прекин на огнот. Русите сè уште гранатираат и напаѓаат. Москва цел ден молчеше во врска со предлогот за директна средба. Оваа тишина е доста чудна. Но, Русија ќе мора да ја заврши оваа војна на еден или друг начин, и би било подобро ако го стори тоа што е можно поскоро. Нема смисла да се продолжи со убивањето – нагласи тој.