СУДИЈКА ВО ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ ЧУВАЛА РОБИНКА Скандалот со дадилката ѝ донесе затворска казна
Мугамбе, која спремала докторат по право на Универзитетот во Оксфорд, ја довела жртвата во Велика Британија со лажни ветувања за работа. Откако пристигнала, жртвата била принудена да работи без плата како слугинка и дадилка, а нејзините патни документи биле одземени.
Судијката на Обединетите нации и екс-удијка на Високиот суд на Уганда, Лидија Мугамбе (50), е осудена на шест години и четири месеци затвор во Велика Британија поради експлоатација на млада жена од Уганда како домашна робинка, пишува „Гардијан“.
Пресудата ја донесе Оксфордскиот крунски суд, кој ја прогласи Мугамбе за виновна за повеќе кривични дела, вклучувајќи принудна работа, трговија со луѓе и заплашување сведок.
Мугамбе, која спремала докторат по право на Универзитетот во Оксфорд, ја довела жртвата во Велика Британија со лажни ветувања за работа. Откако пристигнала, жртвата била принудена да работи без плата како слугинка и дадилка, а нејзините патни документи биле одземени.
Судијата Дејвид Фокстон при изрекувањето на казната истакна дека Мугамбе не покажала никакво каење за своите постапки и дека се обидела да ја обвини жртвата за ситуацијата. Жртвата, која доби азил во Велика Британија поради страв од одмазда во Уганда, изјави дека живеела во постојан страв и дека била лишена од основни човекови права.
Обвинителството откри дека Мугамбе соработувала со поранешниот заменик-висок комесар на Уганда во Лондон, Џон Леонард Мугерва, за да ја доведе жртвата во Велика Британија со лажен идентитет. Мугерва, кој имал дипломатски имунитет, не беше обвинет.
Универзитетот во Оксфорд ја суспендираше Мугамбе од нејзината докторска програма, а Обединетите нации ѝја одзедоа функцијата.