ДУРИ ЗА 30% СКОКНАА ЦЕНИТЕ ЗА ОДМОР ВО СТРАНСТВО Македонците и годинава ќе бидат најбројни во Грција

Туристичките работници велат дека цените на хотелите за ова лето се повисоки од лани и зависно од земјата и квалитетот на хотелот се повисоки и до 30%, иако има и земји кои ова лето нудат и пониски цени.

1,797

Омилените летни дестинации на македонските граѓани годинава се поскапи и за 30%, но аранжманите се продаваат вообичаено, бидејќи тие што наумиле да го поминат одморот во странство не се откажуваат.

Најчест избор е Грција, Турција, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Албанија, но и Тунис, Шпанија и италијанскиот остров Сицилија.






Најмногу граѓани и годинава ќе одмораат во Грција како најблиска, и според тоа, најевтина варијанта за годишен одмор, иако и таму цените се повисоки од ланските поради зголемените трошоци и повисоките такси.

– Логично беше да има повисоки цени ова лето. Секаде е поскапено, во некои земји хотелите ги зголемија двојно цените, но сепак, и годинава не се откажувам од одмор во странство. Традиционално одам во Турција на одмор, но годинава таму е многу поскапо од лани, па се мислам меѓу Грција, како најблиска и Тунис каде што гледам дека цените се пониски од ланските, а таму не сум била на одмор – вели Олгица од Скопје.

И туристичките работници велат дека цените на хотелите за ова лето се повисоки од лани и зависно од земјата и квалитетот на хотелот се повисоки и до 30%, иако има и земји кои ова лето нудат и пониски цени.

– Зголемени се цените во сите земји. Зависно од хотелите може да се каже дека поскапувањето е во распон од 10 до 30%, но има и хотели, на пример во Турција кои го поскапеа престојот и за 50 до 60%. Тоа е резултат на се она што се случува последнава година во однос на трошоците на секој од хотелските капацитети – вели Ана Богоевска од агенцијата „Савана“.

Таа вели дека интересот на граѓаните годинава е пренасочен кон Тунис и Египет каде што цените се пониски од оние во Турција.

– И годинава најголем интерес има за Грција која е најблиска и со тоа најевтина земја за одмор, но имаме и редовни клиенти за Турција која годинава е поскапа од некои подалечни дестинации. Хотелите во Шпанија, Тунис и во Египет годинава нудат поевтини цени од турските хотели,  па дел од нашите клиенти се одлучуваат одморот да го минат таму – вели Богоевска.

Но, дел од граѓаните кои сакаат да патуваат не го прават тоа на исти дестинации и бараат нови.

– За овие клиенти годинава имаме нови дестинации за одмор. Дел од нив се островот Сицилија и Палма Де Мајорка во Шпанија, а ги имаме и далечните патувања. Се зависи од интересот на граѓаните. Имаме и поединечни патувања за Црна Гора, Хрватска и Албанија – вели таа.

Дел од агенциите, пак, велат дека ги задржале истите цени од лани на аранжманите за странство иако странците веќе пресметуваат повисоки трошоци за сместување.

– Имаме исти цени како и ланските за дестинациите што ги нудиме. Во Грција дури имаме и намалени цени – вели Аркан Керим од агенцијата „Генералтурист“.

Анализите на цените на летните аранжмани за 2025 година, покажува дека во некои земји има драстично зголемување на цените, а во некои дури има пониски цени од ланските. Така зголемени цени има во Бугарија, Италија, Португалија и во Кипар, додека пониски цени имаат некои области во Шпанија, Балеарските Острови и Канарските Острови.

Поврзани содржини