ОБИДОТ ЗА ЗАТВОРАЊЕ НАИДЕ НА ПРАВНИ ПРЕЧКИ Новинарите на „Гласот на Америка“ можат да се вратат во канцелариите
Новинарите на „Гласот на Америка“ можат да почнат да се враќаат во своите канцеларии идната недела, според е-пошта која Министерството за правда им ја испрати на вработените, пренесува американскиот портал Политико.
„Гласот на Америка“ ќе продолжи со работа по речиси двомесечна пауза откако администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина работата на тој медиум со извршна наредба на 14 март, која беше насочена кон повеќе федерални агенции и канцеларии, вклучувајќи ја и Американската агенција за глобални медиуми, матична организација на „Гласот на Америка“, која се финансира од државниот буџет.
Обидот за затворање на државниот медиум наиде на правни пречки.
На 22 април, федералниот судија Ројс Ламберт издаде привремена забрана со која ѝ наложи на администрацијата да го обнови работењето на „Гласот на Америка“ со образложение дека одлуката за негово укинување веројатно била противуставна.
Помошничката на американскиот обвинител Бренда Гонзалез Хоровиц потврди во е-пошта до адвокатите што ги претставуваат вработените во „Гласот на Америка“ дека персоналот се враќа на работа. Во истата е-пошта се потврдува и дека сите вработени повторно добиле пристап до системите.