За „докторското“ и за други неморални ора

Едно од последниве такви ора повторно го водат докторине. Нивното е по правило „превртено“, контра оро, најчесто лажливо и крајно неморално. Едниот од докторите не знае каде да се определи – сака власт и министерска фотелја ама мили му се изгледа и оние сомнителни (да не речам проверено криминогени!) пајташи во опозицијата; другиот отишол дури во Љубљана па од таму ни држи лекции што и како треба да правиме, а третиот ги подбуцнува членовите на куќниот совет што глуми партија преку омаловажување на првиот да го крева неговиот екс-министерски и сега „лидерски“ рејтинг… Господ да чува и да брани од вакви луѓе, ако тие треба да нѐ одведат во Европа, подобро да си седиме дома!

495

Некој ќе рече: па песната и играта – поточно орото, кое и да е – ни се во крвта, во традицијата, во генот… Ама белки не и овие песни од полуписмени текстописци и овие „ора“ од играорци со две леви нозе? И не вакви налудничави, политикантски, криминални, неморални…? И каде на чело, како ороводци, се фаќа секаков пробисвет и врти шамивче?

Едно од последниве такви ора повторно го водат докторине. Нивното е по правило „превртено“, контра оро, најчесто лажливо и крајно неморално. Едниот од докторите не знае каде да се определи – сака власт и министерска фотелја ама мили му се изгледа и оние сомнителни (да не речам проверено криминогени!) пајташи во опозицијата; другиот отишол дури во Љубљана па од таму ни држи лекции што и како треба да правиме, а третиот ги подбуцнува членовите на куќниот совет што глуми партија преку омаловажување на првиот да го крева неговиот екс-министерски и сега „лидерски“ рејтинг… Господ да чува и да брани од вакви луѓе, ако тие треба да нѐ одведат во Европа, подобро да си седиме дома!






Зашто оној кој најмалку трипати нѐ лажеше дека ги започнуваме пристапните преговори, па нѐ лажеше дека нема никакви протоколи а на нив стои неговиот потпис… сега дури од Љубљана прогласува некаква „политичка олигархиска оска што не сака да го заврши пристапниот процес во ЕУ, туку да го зароби во постојана јамка“ (sic!). И токму таа „оска“, види богати, „ја демoнтира самата суштина на Охридскиот мировен договор што ја поткрепуваше меѓуетничката хармонија и кохезија“. Која хармонија, онаа меѓу лоповските банди во коалицијата? Или онаа оска што креваше палец и се клештеше во владиниот авион? И чија кохезија, онаа на корумпирани интеретнички политиканти?

И повторно, по којзнае кој пат, ни ја продава Преговарачката рамка како „штит“ верглајќи ја истата песничка за единствената обврска за „вклучувањето на бугарското малцинство во преамбулата на нашиот Устав“, оној рефрен на којшто Бугарите и тетка Марта умираат од смеење!

Третиот пак, оној претседателон на куќниот совет и екс-министер за здравство, во чиј мандат здравствените „политики“ умреа цел еден град од ковид 19 и изгореа 14 пациенти во модуларна болнива проектирана од неговото Министерство, сега, преку пајташите од советот, дели лекции за состојбите во здравството. И баш го нашол ликот од „социјална доверба“ кој ќе нѐ просветли дека „Заштитата на здравјето на граѓаните во секоја одговорна држава е највисок приоритет“, дека „Обезбедувањето здравствен систем во функција на граѓаните не е само прашање на хуманост, туку и одговорност на секоја Влада – здрава нација значи продуктивна нација и тоа е основа за напредокот на секоја држава. Но, овие вредности се далеку од приоритетите на македонската влада.“ Ете, а изгледа сето тоа, особено заштитата на нашето здравје и обезбедувањето на здравствен систем во функција на граѓаните, било приоритет кога нејзиниот шеф беше министер? Или треба да го повторам она погоре, па и да додадам уште еден куп работи, на пример онаа со набавката на вакцините и др.?

Згора на сѐ, двајца од „здравствената“ тројка се беа дури амбицирале да бидат и претседатели на државата! Можеби нам сериозно ни треба лекување штом некој и за тоа ги гласа? Ќе ни се случи ли тоа и со третиот? Или рано е, да причекаме?!

Покрај ова здравствено-политикантско претворено во „женско оро“, имаме и други новокомпонирани ора. Меѓу нив, на пример, бугарско, па usaid оро, па „морално“… и др. И секое си има свои ороводци, онакви какви што ги дал Господ – шушумиги, шарлатани, вечни клиенти…, што ти душа сака! А всушност, сите – тезгароши, за оваа или онаа „тезга“, за овој или оној газда, локален или меѓународен, го вртат орото на нивна страна подметнувајќи ни секакви апсурдни „теории“, убедувајќи нѐ дека сме малоумни и ништо не разбираме па тие сега сѐ ќе ни објаснат и ќе нѐ просветлат за иднинана. Која, чија…? И ќе нѐ научат на новите ора.

Што толку на Бога сме му згрешиле или на овие сме им дале некаков повод за вакво тормозење?

Зашто, видете го она „бугарско оро“ што го играат неколкумина слабоумници. Испаѓа дека ние сме „вртеле“ некаква антибугарска кампања а не обратно, дека ние сме некакви неблагодарници, па дури низ орото ни држат полуписмени историски лекции и подметнуваат омраза кон еден друг сосед. А баш мислевме дека луѓево се излечиле од шарлатанските чекори и квазикореографии пишувани во Софија! Или беше Димитровград? Во ова простачко оро се обидува да игра и докторон дури и во Љубљана, балканизирајќи ги Словенците и повторно пелтечејќи дека „Билатералните протоколи за историјата се израз на добра волја, а не инструменти за влијание“, па згора и „академски дијалог, а не политичко вето“! А оној Пахор баш личеше на паметен човек, кој ли го излажа да вика онакви гости?

И пак ќе прашам: што навистина сме им згрешиле ние на овие луѓе вака да нѐ понижуваат и како сериозно би можеле да им помогнеме? Па нека кажат, по ѓаволите, некој веројатно ќе се обиде да им помогне.

Но „бугарското оро“ е компатибилно со она еу и usaid (малите букви се…) оро, заедно се врткаат и скокаат на македонската бина, во склад со музицирањето на оние „невладинине“ usaid и еу организации и платеници. Некако бргу ја заборавивме таа usaid, нели, или сега овие најдоа нови газди? Оние од еу? Па читајте го Челиковиќ, мајку вам божју (што би рекол Младенов)! Ама и него – мислам на Младенов – некако бргу го заборавија, иако се крстеа во него, нели? Сега наместо излапенион и очигледно дементен Бајден и онаа „хумостистична“ Харис, ни го подметнуваат Клинтон. Бил, де, оној „саксофонистон“. Или Моника беше „сакософонистка“, сум заборавил веќе? Ама жената му, Хилари, ја заборавија? А таа баш беше ем труба ем саксофон!

Нејсе, сега Бил е хит зашто тој, демек, ја дисциплинираше, или, со наш типичен провинциски речник, ја „порази“, Србија, како што нѐ подучува еден „професор“. Замислете, двесте милионска супер сила со најсовремено наоружување „ја поразила“ осуммилионската балканска (тогаш) полудржава. Па дури и се гордеат со тоа. И повторно ни поставуваат квиз-прашања, демек: каква ли е тоа историска лекција што и ние треба да научиме? Ако вакви им биле и факултетските предавања, не е чудо што немаме соодветен кадар за меѓународна политика! И што сакаат да кажат со тие и такви потсетувања, демек и нас ќе нѐ бомбардираат? Па и со тоа ли ќе се гордеат?!

Но најсмешно, да не речам најиритантно, е она современо кореографирано оро на некакви чудни ликови кој се пријавуваат за ороводци па вртат шамивче со извезено „МАГА Македонија“, па со некакви морални дилеми за сегашната власт (но не и за нивните претходни газди кои немаат таков морален проблем), но и од Марс паднатите пратеници на оној куќен совет кои ги читаат нивните глупердаци и веднаш поставуваат такви пратенички прашања. И наместо тие прашања да ги адресираат на нивните „лидери“ кои ја доведоа државата до ова неморално оро, тие го прашуваат – Мицковски? Зошто? Тој за десет месеци направи поголеми зулуми од нивните шапшали за осум години?

Иако тој (непотребно) им одговори: еве сум, нека ме приведат. Кога тоа го кажал некој од нивните фаворити, на пример Заев, Шеќеринска, Ковачевски, Филипче, Битиќи, Османи, Груби, Џафери, она малечконо смешноно и сите други од првиот ешалон на „моралната“ коалиција? Не смееа зашто требаше да ги приведуваат барем стотина пати. Додуша, еден од нив сериозно нѐ поставува пред „морална“ дилема со приказната за некаква „златна виза“ тврдејќи дека тој си има „виза“ што му овозможува – да патува. Не знаев дека со „златната виза“ не може да се патува туку таа служи само за украс, врамена, за по дома, за да пукнат душманите.

Но, да се вратам на она „страшно“ морално прашање, онаа безмалку бибилиска дилема што ни ја поттура под нос еден лик, онака држејќи се за брадата и длабоко задуман за нашата иднина: може ли навистина да има правда без експертска привремена влада односно без две морални оставки, на премиерот Христијан Мицкоски, на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски? И сериозно ми го расипува викендот зашто ќе мислам само на тоа кој ли би го водел тоа (не)морално новокомпонирано „експертско оро“ и би го вртел шамивчето, односно на кого типува ликов? Заев е зафатен во Дубаи, Ковачевски е загубен во времето и просторот и не може два пати во животот да има таква среќа…, белки не мисли на докторот со „визата“ за патување и куќниот совет како влада? А што со „дуибаи“, или тука повторно е уште еден доктор да пријде напомош и да ни „препише“ уште некој протокол?

Не знам, чудни некои типови повторно составуваат експертски влади, небаре секој ден е Великден, како во онаа 2017 година! Таквиот „празник“ се случува еднаш во сто години. И никогаш повеќе!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини