Поконечно од конечно
И знам дека никој не ме прашува, но: мислам дека или премиерот или претседателката треба да се појават во Москва на 9 мај! Тоа би бил соодветен цивилизациски одговор на последното „пледоаје“ на еу (малите букви се…) за нашиот евроинтегративен процес односно за т.н. билатерален спор со Бугарија во изведба на „мадам“ Кос.
Да бидам искрен, секогаш сум ги ценел луѓето кои пливале контра струјата. Зашто, низ струјата е лесно, таа самата те носи, нема за што да се грижиш. Освен за своето „јас“ коешто се дави во вировите. Ако го имаш, се разбира. Уште повеќе ако те заплашуваат некои вчера никнати персони без лична карта како крволочната Калас. Или тетка Урсула, на пример. Или оваа нашава „пајтон интелигенција“. Затоа – браво Фицо. Контра струјата е вистинскиот избор!
И знам дека никој не ме прашува, но: мислам дека или премиерот или претседателката треба да се појават во Москва на 9 мај! Тоа би бил соодветен цивилизациски одговор на последното „пледоаје“ на еу (малите букви се…) за нашиот евроинтегративен процес односно за т.н. билатерален спор со Бугарија во изведба на „мадам“ Кос. Следствено, тие нека се дружат со некогашните губитници фашисти, нам местото ни е меѓу победниците, или наречете го тоа како сакате.
Зашто, „Неопходен е константен напор некој да го види тоа што му е пред носот“, вели Орвел. Но, тој тоа го кажува за релативно нормални луѓе кои – се разбира со доза на усилба и добра воља – навистина би станале свесни за нештата околу нив, барем оние што им се директно пред очите. За дел од македонската јавност и актуелнава политикантска опозиција, тоа е – невозможна мисија. Не дека тие се толку празноглави или баш онака задрти, туку си имаат некаков проблем. Не знам каков, личен, групен, лукративен, „идеолошки“…
Или, ако сакате: дојдовме ли, конечно, до мигот на просветлувањето, на отворањето на сите карти, до „моментумот“ (што би рекол смешнион Османи) на сите вистини? Зашто, она што го кажува „госпожа“ УДБА – пардон, „мадам“ Кос – од самото срце на еу, ако не е конечно отрезнување, тогаш не знам што е. Или, поточно, нејзината изјава не подлежи на интерпретации, таа е децидна иако глупава, таа е јасна иако бесмислена, таа е конечна иако антицивилизациска.
А што во меѓувреме правеше нашава „пајтон интелигенција“? Ронеше солзи дека „Македонија ја снема и од главниот и од споредниот пат кон ЕУ“, ама не по вина токму на таа и таква еу туку како хипотека на тукушто дојдената нова власт, или пелтечеше за некакви китови и ајкули наспроти малите риби, ни цртаа коекакви „македонски пештери“ или нѐ убедуваа дека оние бугарски протоколи се само плод на нашата глупава фантазија… итн. Дури, се чудат како тоа ние сме немале протести против корупцијата, неказнивоста и селективната правда што нѐ следат толку време. Па нека брцнат во џебот на Заев, а може и кај Шеќеринска, па таму ќе ги најдат протестите!
Па уште кога ги слушате или читате како баш истите лелекаат после трагедијата во Кочани а уста не отворија цели осум години кога башибозукот, неспособноста, неодговорноста, неказнивоста, криминалот и корупцијата се инсталираа како систем во државата…
И знаете сега што треба да направиме? Да ги качиме на велосипеди – како белградскине студенти – сите оние полуписмени професори, збајатени новинари, шушумигави аналитичари заедно со врхушките на дуи, сдсм, лп или лдп (или што останало од тие тапоглавци) и остала братија, па – правец Брисел. па таму нека протестираат, нека се расправаат со тетка Урсула, со крвожеднана Калас, со „госпожа“ УДБА… А може попатно ќе го видат и оној билмез Вархеи па нека му ги истегнат ушите, а на враќање нека свртат до Виена кај Хан итн. И можеби, можеби, ќе успеат да го видат тоа што одамна го видоа сите, а што со години им стои пред носот!
А тоа е – без намера да звучам параноично зашто ова не е никаква новост – културната војна што ја води Бугарија контра Македонија и специјалната војна што одамна ја води еу контра нејзина придружна членка од 2004 година! Можеби тогаш ќе им стаса од задникот до сивите ќелии, ако ги имаат, се разбира, дека македонската евроинтегративна приказна заврши уште пред и да почне. Од оваа дистанца тоа е баш така. Зашто, ако едно „гг друштво“ не може дваесет години да најде решение за наметната „идентитетска војна“ од грст празноглави политиканти, а претходно уште петнаесет години за измислена „војна за името“, тогаш таму нешто дебело смрди.
Па луѓе божји, Папа – еден од најмоќните луѓе на светот! – се бира со двотретинско мнозинство, овие не можат да се справат со една Бугарија!
Но, интересно ќе биде да се види дали сега ќе настапи конечен молк, дали лукративните страсти на македонскиве „философи-гоедари“ (Цепенков) ќе се стишаат и ќе се насочат кон конструктивен придонес во изнаоѓање соодветни одговори на оваа културна војна? Зашто, поконечни од овие шамари од Брисел (европската комисија и европскиот парламент!) и Софија не верувам дека може да има. Или слепциве, по христијански, ќе го вртат и другиот образ? Само проблемот е што тие не го вртат својот образ што го немаат туку – нашиот. Тие и понатаму ќе останат во ладовината на сопствената глупост и квазилиберална проевропска глума.
Нив нема да ги поместат ни информациите за случувањата во европскиот парламент (малите букви се…) по повод Предлог-извештајот за Македонија на Томас Вајц. А тие случувања се дополнителни и поконечни од конечните сигнали за тоа каде и како се движи соседната националистичка хистерија, дури и онаа од југот којашто се удираше во гради дека со „Преспанскиот договор“ билатералните проблеми се решени. Не се и не можат да бидат сѐ додека ни насилната промена на името не ги задоволува туку земјава и понатаму ја ословуваат со – Скопје. Оние пак од зад источната граница, по обичај, збудалуваат доколку некој се обиде да ги дискредитира или минимизира „билатералните прашања“ како услов, упорно измислуваат некаква „зголемена дискриминација на граѓаните на Северна Македонија кои се идентификуваат како Бугари“, создавањето на „клима на непријателство кон Бугарија“ и ширењето „говорот на омраза кон бугарската заедница“ и слични будалаштини.
А најнов хит на овој налудничав европски малоумен хор дефинитивно е подметнувањето на некаков „Српски свет“ и македонското приклучување кон тој „концепт“! Сѐ ми се чини дека тоа ќе биде и новиот рефрен на онаа наша „пајтон интелигенција“ којашто сега е во нок-даун од унисоната интерпретација на триото Кос-Георгиев-Јотова.
Но, остатокот од Македонија, којшто има огромно мнозинство и апсолутно не зависи од „мислењата“ на коекакви клиенти, мора да бара соодветни излезни решенија, дури и времени. Мојот предлог за одењето во Моска за 9 мај не е такво решение и нема никаква врска со евроинтегративната криза. Но има со победничкото чувство и со моралот, со жртвите кои овој народ ги дал во Втората светска војна. А тие мотиви не се за потценување.
Сакам да кажам: ако ние и сега не погледнеме на вистината во очи дека од таа еу можеме да очекуваме само нови шамари и понижувања, тогаш бесполезно го губиме времето. Ако на сите освен нам им е јасно дека таа и таква унија на губитници полека се раслојува, дека дури и личности како еден Волфганг Стрек – директор на „Макс Планк институтот“ и еден од врвните германски социолози – вели дека еу „моделот на добросостојба“ е во криза уште од 1970-тите, не знам што и каде гледале толку генерации македонски политичари од 1992 година наваму. Или – не гледале, не сакале да гледаат, туку следеле нечии и некакви упатства? Та зарем гооолемите економисти од форматот на еден Глигоров, Андов, Богоев, Фити… не знаеја што се случува во еу и дека таа се претвора во „должничка држава“? И зошто инсистираа на истата приказна? Некој, некогаш, ќе мора да одговори на тие прашања. Историјата тоа секако ќе го направи, но тоа мора(ше) да го стори и современата политика, ако ја имавме!
Извор: Теодосиевски уметност