„ГО НАЈДОВМЕ ДОМА“, А ТИЕ НЕ НИ БИЛЕ ТАМУ Двајца скопски полицајци кривично ќе одговараат за манипулации
Според истрагата, тие одбиле да извршат контрола врз лицето што било во куќен притвор по одлука на Основниот кривичен суд Скопје, но и покрај тоа, изготвиле службени белешки во кои лажно навеле дека надзорот бил спроведен и дека осомничениот бил затекнат дома и ги почитувал одредените мерки.
Двајца полицајци од скопската полициска станица во населбата Аеродром ќе одговараат за кривично дело „неизвршување судска одлука“, откако во службени извештаи лажно пријавиле дека извршиле контрола врз лице во куќен притвор, иако воопшто не го посетиле неговиот дом.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, постапувале полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, кои поднеле кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Станува збор за полициски службеници Д.К. од Единицата за службени кучиња и П.И. од ПСОН Аеродром при СВР Скопје, кои на 16 март 2024 година не постапиле по правосилна судска одлука што биле должни да ја спроведат“, информираат од МВР.
Според истрагата, тие одбиле да извршат контрола врз лицето што било во куќен притвор по одлука на Основниот кривичен суд Скопје, но и покрај тоа, изготвиле службени белешки во кои лажно навеле дека надзорот бил спроведен и дека осомничениот бил затекнат дома и ги почитувал одредените мерки.
„Службените белешки содржат невистинити податоци и сериозно ја компромитираат довербата во полициските процедури, особено во случаи каде што се работи за мерки на претпазливост определени од суд“, велат од МВР.
Во тек е постапка пред обвинителството за утврдување на натамошна одговорност, а од Министерството најавуваат дека ќе има и внатрешни дисциплински санкции.