КОЧАНИ ИМА САМО 16 ПОЖАРНИКАРИ, А ПОТРЕБНИ СЕ 32 Новиот градоначалник Крстевски наследи хаос
Комуналното претпријатие „Водовод“ во Кочани има долг од 3 милиони евра, најмногу по основ на неплатена електрична енергија, нема ниту технички директор, ниту се знае дали е валидна оставката на директорот.
Вршителот на должноста градоначалник на Општина Кочани, Венко Крстевски, денеска ја одржа првата средба со новинарите на која информираше за актуелната состојба во општината и за планираните активности во наредниот шестмесечен мандат од неговата функција.
Изразувајќи сочувство и почит кон настраданите и семејствата на повредените лица во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, тој информираше дека една од првите одлуки е од општинскиот буџет на Кочани да се уплатат три милиони денари на Фондот за солидарност на Црвен крст на РСМ.
– Состојбата во Општината е алармантна со делумно реализирани проекти, а таква е и во комуналното претпријатие „Водовод“, каде што сѐ уште не се знае дали е валидна оставката на директорот. Нема ниту технички директор, а долгот е 3 милиони евра, најмногу по основ на неплатена електрична енергија. Катастрофална е состојбата и со човечките ресурси во Територијалната противпожарна единица, каде што се потребни 32 пожарникари, а има 16. Со решавање на кадровската состојба во КЈП „Водовод“ ќе направиме тоа да биде функционално. Алармантна е состојбата и со дивоградбите со што е нарушена и безбедноста во градот. Најавувам сериозна борба и кривични пријави против незаконските градители, без толеранција и без отстапки кон никого – истакна в. д. градоначалникот Крстевски.
Тој апелираше до градоначалниците од другите општини и до Владата за помош и поддршка за Општина Кочани.
– Премиерот имаше ветување дека Кочани ќе добие сериозна финансиска поддршка и тоа треба да биде реализирано што е можно побрзо. Апелот до градоначалниците е да ни помогнат логистички во делот на инспекторатите, со оглед што нашите градежни инспектори се предмет на истрага и не сум сигурен колку тие можат да ја извршуваат работата. Општините Кавадарци и Струмица можат да ни помогнат во почетниот пристап за решавање на проблемот со бездомните кучиња, како и во искуствата со изградба на проектот за прифатилишта – додаде Крстевски.
Тој истакна дека меѓу семејствата на настраданите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ и во јавноста постои незадоволство од начинот на кој тече истражната постапка, со барање таа да биде неселективна и транспарентна.