„НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА МИ ЗАБРАНИ ДА ОДАМ ВО МОСКВА“ Фицо остро ѝ одговори на Каја Калас

„Дали предупредувањето на гoспoѓа Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но, знам дека годината е 2025, а не 1939. Предупредувањето на Калас потврдува дека ни треба дискусија во ЕУ за суштината на демократијата“, одговори премиерот на Словачка.

851

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека ќе присуствува на прославата на Денот на победата во Москва, како и дека остро се противи на предупредувањето на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, дека европските лидери не треба да учествуваат на тој настан.

– Предупредувањето и заканата на Каја Калас е непочитување и јас силно се спротивставувам на тоа – напиша Фицо на Х.






Тој потсети дека Калас ги предупреди лидерите на земјите-членки на ЕУ да не учествуваат на мајските прослави на Денот на победата во Москва и им порача дека „таквото учество нема да биде сфатено лесно“ во Брисел.

– Ќе одам во Москва на 9 мај. Дали предупредувањето на гoспoѓа Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но, знам дека годината е 2025, а не 1939. Предупредувањето на Калас потврдува дека ни треба дискусија во ЕУ за суштината на демократијата. За тоа што се случи во Романија и Франција во врска со претседателските избори, за „Мајданите“ организирани од Западот во Грузија и Србија и како е игнорирана злоупотребата на кривичното право против опозицијата во Словачка – напиша Фицо.

Тој потоа ја „информира“ Калас дека е легитимен премиер на Словачка – суверена земја.

– Никој не може да ми диктира каде можам или не можам да патувам. Ќе одам во Москва да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милионите други жртви на нацистичкиот терор. Исто како што им оддадов почит на жртвите на истоварувањето во Нормандија, или на оние во Пацификот, или како што планирам да им оддадам почит на пилотите на РАФ. И да ве потсетам дека јас сум еден од ретките во ЕУ кој постојано зборува за потребата од мир во Украина и не поддржува продолжување на оваа бесмислена војна – нагласи Фицо.

Поврзани содржини