МИЦКОСКИ СЕ СРЕТНА СО БИЗНИСМЕНИ ОД ДУБАИ И ОД ШАРЏА Се разговараше за инвестиции, трехнологија и трговија

Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори

221

Премиерот Христијан Мицкоски во рамки на официјалниот посета на Обединетите Арапски Емирати денеска имаше средба со претседателите и раководствата на стопанските комори на Дубаи и на Шарџа.

Како што објави на социјалните мрежи Мицкоски, на средбата со раководниот тим на комората на Дубаи, разговарал за конкретни иницијативи кои можат да придонесат за зајакнување на економските врски, особено во делот на трговијата, инвестициите и технолошкиот развој.






„Имавме можност да размениме идеи за поддршка на претприемништвото и промоција на деловните потенцијали кои ги нудат нашите земји“, напиша Мицкоски.

За средбата во Стопанската комора на Шарџа, премиерот напиша дека средбата остави простор за натамошна соработка и нови заеднички чекори.

„Разговорот беше насочен кон создавање мостови на соработка помеѓу нашите економии, размена на добри практики и идентификување на можности за заеднички инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Ваквите средби се клучни за зајакнување на билатералните односи и отворање нови перспективи за бизнис заедницата“, напиша Мицкоски.

Како што најави владината прес-служба, владиниот тим ќе престојува во ОАЕ до четврток, а предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, со цел разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.

 

Во состав на делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.

Мицкоски, вчера, на првиот ден од посетата, се сретна со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан.

 

Поврзани содржини