ЈАВНОСТА ЌЕ СЕ ЗГРОЗИ ОД СУМИТЕ ЗА КОИ БИЛЕ ИЗДАВАНИ ДОКУМЕНТИ Корупцијата и митото се во коренот на трагедијата во Кочани, рече Тошковски
Министерот Панче Тошковски во гостувањето истакна дека грозоморниот случај ќе биде целосно расветлен и дека јавноста ќе биде запознаена со сите незаконити дејствија што се случувале и притоа довеле да дојде до ваков случај, кој ја потресе целата држава.
Кога јавноста ќе види за какви суми се издавани документи и на каков начин се легализирале незаконски постапки, што се косат со сите можни правила и прописи за работење на еден кабаре клуб или дискотека, ќе остане згрозена – изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на Сител.
Тој нагласи дека трагедијата во Кочани, која ја потресе целата држава, е директна последица на коруптивни практики што подолго време биле толерирани во различни институции.
Министерот посочи дека сега веќе се води опсежна истрага за настанот, која опфаќа проверки на документи и докази, но и претреси и увиди во повеќе институции, меѓу кои и Министерството за економија.
Тошковски зборуваше за случувањата со трагичниот настан во Кочани и за тоа кои чекори се преземаат за расветлување на случајот, но исто така потенцираше дека тој како министер ќе се насочи кон комплетно расветлување на случајот и добивање на правдата.
Министерот во гостувањето истакна дека грозоморниот случај ќе биде целосно расветлен и дека јавноста ќе биде запознаена со сите незаконити дејствија што се случувале и притоа довеле да дојде до ваков случај, кој ја потресе целата држава.
Исто така, Тошковски додаде дека токму неморалното и коруптивното поведение коешто било вмрежано во многу институции довело до ваков трагичен настан.
– Повторно говориме за мито и корупција, корупцијата ја уништи Македонија, мораме да бидеме максимално посветени, да еднаш засекогаш покажеме дека имаме капацитет согласно закон да ја овозможиме правдата. За секој еден којшто ќе биде констатирано дека директно или индиректно има било какво влијание на незаконитост а притоа таа незаконитост не довела до овој грозоморен настан ќе има одговорност – кажа Тошковски.
Министерот во гостувањето повика на разум од страна на сите, за да можат сите институции коишто се надлежни за овој случај да ја спроведат истрагата и да ја сработат работата како што треба.
– Мораме да сме разумни, мораме да работиме согласно закон, мораме да преземаме дејствија коишто ќе не доведат до правда, преку неправда никогаш не можете да стигнете до правда. Мораме да повикаме сите на разум мора верските лидери да повикаат на разум мора политичарите да повикаат на разум барем оние коишто си ја сакаат Македонија и се нормални како луѓе, секој еден којшто си ја сака својата држава и си го сака својот народ мора да повика на разум. Мора да дозволиме Министерството за внатрешни работи заедно со сите институции коишто имаат надлежност за истражување да си ги сработат сите оние работи коишто треба да ги сработат – рече Тошковски.
Секој еден којшто придонел за оваа ужасна трагедија којашто и се случи на Македонија ќе одговара, нема да е како досега во случаите, порача министерот.
– Осомничени досега се повеќе од 20-тина луѓе, согласно последните информации кои ги добив за најголем дел од нив веќе се извршени разговори со истите. Дел од тие веќе се во притвор, дел од нив се од луѓето коишто биле во рамки на овој објект како повредени и дел од нив исто така во текот на денешниот ден, во текот на утрешниот ден по насока на Јавен обвинител ќе постапуваме и ќе бидат спроведени согласно закон до надлежен судија по претходна постапка за оние кои Јавното обвинителство ќе оцени дека треба да бидат така процесиуирани – истакна министерот.
Тошковски рече дека досега се констатирани основи за сомнение за сторено кривично дело по член 288 и 292 од Кривичниот законик.
– Досега морам да истакнам дека констатирани се основи на сомнение за сторено кривично дело предизвикување на општа опасност по 288 од КЗ, како и 292 кривично дело тешки дела против општата сигурност коишто се дефинирани за ваков тип на размери каде имаме смртни последици во ставот 2 од предметниот член и се предвидени навистина доста ригорозни казни. При што од сите оние сите основи на сомнение кои ги имаме досега од она коешто сум информиран од страна на Јавното обвинителство станува збор за една доста обемна документација, истрага која се спроведува, се вршат увиди на лице место, односно претреси во повеќе простории, се вршат увиди во рамки на министерство за економија во текот на вчерашниот ден, во рамки на други институции – вели Тошковски.
Министерот Тошковски потенцираше дека нема да има милост за никого и секој еден ќе одговара.
– Нема да има буквално милост за никого, секој еден којшто придонел директно или индиректно, посредно или непосредно во рамки на оваа ужасна трагедија којашто и се случи на Македонија заради којашто плаче секој еден Македонец ќе одговара. Нема да е како досега во случаите – рече Тошковски.
Министерот Тошковски укажа дека многу недобронамерници на оваа земја пробуваат да ја дефокусираат и ја манипулираат јавноста.
– Гледам дека многу недобронамерници на оваа земја во изминатите денови наместо да покажат разум, она коешто нормален човек треба да го покаже во рамки на ваква трагедија, тие пробуваат да ја дефокусираат, манипулираат јавноста итн., со дејствијата кои ги преземаме по насока на Јавен обвинител моментално како осомничени имаме луѓе кои биле на позиција министер, државен секретар, директори на институции, раководители на сектори, сопственици на правни лица, обезбедување на лице место, луѓе на позиција да согласно нивни овластувања изготват одредена документација која била незаконита – заклучи Тошковски.