ВО ТЕК СЕ ИНВЕСТИЦИИ ОД 2 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО Се градат 7 училишта и две спортски сали, се реновираат дваесетина објекти

Ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени, рече премиерот Христијан Мицкоски.

153

Образованието е еден од главните приоритети на оваа влада. Во моментот имаме инвестициска активност од околу 2 милијарди денари за проекти во образованието, повеќе од 30 капитални инвестиции, 7 комплетно нови училишни згради, дваесетина се реновираат, спортски сали во Струга и во Битола, отпочнуваме со спортските сали – Кисела Вода и Аеродром, во план е продолжување на проектот за реконструкција на универзитетите, односно зградите на факултетите ФИНКИ и ФФК, отпочнуваме со кампусот „Мајка Тереза“, изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Студеничани.

– Образованието претставува еден значаен фокус на оваа влада и така ќе продолжиме да се однесуваме. Истовремено, ќе продолжи и инспекцискиот надзор на оние високообразовни институции, но и оние други образовни институции, што не ги исполнуваат стандардите. Ќе бидат опоменати. Доколку не преземат ништо во насока на исполнување на стандардите, ќе мора да бидат затворени – нагласи премиерот.






Мицкоски рече дека децата треба да добијат европско знаење, а тоа може да го даваат институции што ги почитуваат законите и што нудат таков тип на пренос на знаење.

– Така што, реформата во образованието е навистина опсежна. Оваа година, нешто што не е за фалење, учениците ги добија книгите на 1 септември. Исто ќе биде и во следната година. Ние пред 10-15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска сме среќни ако секое дете има учебник. Но, за жал, имавме цунами 7 години што и тоа не можеше да го направи онаа влада на СДСМ и ДУИ, па оваа влада мора буквално сите тие елементарни работи да ги прави – додаде премиерот.

Тој во рамки на кампањата „Каде што срцето е дома“, во организација на Министерството за локална самоуправа, присуствуваше на поставување камен темелник на реконструкција на локален пат.

Поврзани содржини