ДРАГИ ОБВИНИТЕЛИ, СО ЛАГИ НЕ СЕ ВОДИ ИСТРАГА Хајрулахи демантира дека ја променил адресата и дека затоа не добил писмо од штипското Обвинителство
До овој момент не е примена кривична пријава поднесена од вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи против државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, а доколку биде, ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител, информира Основното јавно обвинителство (ОЈО).
– Нема потреба од никаква вознемиреност, пријавата е испратена уредно по пошта и очекувам во текот на утрешниот ден да стаса во Јавното обвинителство. Така што сите засегнати страни ќе имаат доволно време да ја проучат и да постапат – објаснува Хајрулахи.
Хајрулахи е суспендиран од раководната позиција во Вишото обвинителство Скопје.
Пред околу четири месеци Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи.
Од Основното јавно обвинителство Штип известуваат дека во постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза.
„Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“, посочија од ОЈО.
Хајрулахи демантира и наведува дека живее на истата адреса со години и редовно прима и испраќа поштенски пратки.
– Никој досега не се пожалил дека имал проблем со мене да комуницира преку пошта. Како потврда за тоа ви доставувам потврда на неколку приемници и доставници од кои се гледа дека по поштенски пат сум комуницирал со правосудните органи. Целосна лага е дека сум го променил местото на живеење и дека Обвинителство од Штип не можело да ми испрати покана – вели Хајрулаги.
Заради заштита на личен податок (адреса на живеење), Плусинфо нема да ги објави доставниците, но им стои на располагање на надлежните органи да направат увид во нив.
Хајрулахи денеска информира дека поднел кривична пријава против Љупчо Коцевски, јавен обвинител на Македонија, Татјана Кацарова, јавен обвинител во ОЈО Штип, Ристо Бојаџиски, виш ЈО на ВЈО Штип и против Ермон Незири, член во Совет на јавни обвинители за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување по чл. 353 од Кривичниот законик“.