КРИВИЧНО ДА ОДГОВАРААТ СУДИИТЕ КАЦАРСКА И ТРПКОВ, БАРА ВМРО-ДПМНЕ Уште се раскажуваат нарачките од Заев и од Филипче до партиските судии и нивната сервилност
За многу помали работи судиите Кацарска и Трпков не само што требаше да бидат разрешени од судии, тие треба и мора да се соочат и со кривична одговорност, а токму затоа СДСМ не ги поддржува судските реформи и не поддржува смена на државниот обвинител Коцевски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Злоупотреби со притвори, изживување со судења кои траат по 12 часа, неосновани апсења, стигматизирања, политички говори во судница, уништувања на семејства и поигрување со нивните судбини, споро убивање на правдата, се дел од политичките злодела на дел од партиските судии на Зоран Заев, Венко Филипче, СДСМ и ДУИ, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако срамот имаше второ име, сигурно ќе се викаше Добрила Кацарска и Илија Трпков. Со вистинско чудење сè уште се раскажуваат телефонските повици и нарачки кои овие политички извршители ги добивале од владите на Заев и на Филипче во процесите што ги водеа, а чија цел беше силна политичка пресметка, наместо докажување на правда. Исто како што се раскажува и сервилноста, понизноста и бесрамноста со која истите судии, слуги на СДСМ и ДУИ, ги кршеа и ги газеа процедурите, законите и носеа одлуки со кои зацрнуваа семејства“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Се натпреваруваа кој ќе направи поголема штета врз ВМРО-ДПМНЕ во исто време кога милионскиот грабеж на Македонија од Ахмети, Филипче и Заев остануваше неказнет, се додава во соопштението на партијата.
„Нивните одлуки беа срам и преседан за судството и за обвинителството. За многу помали работи истите тие не само што требаше да бидат разрешени од судии, тие треба и мора да се соочат и со кривична одговорност и да бидат ставени на столбот на срамот за тоа како ја понижуваа и сопираа правдата. На сето ова мора да му дојде крај. Токму затоа СДСМ не ги поддржува судските реформи и не поддржува смена на државниот обвинител Коцевски. Затоа што тие се последната брана за правдата која мора и ќе биде победена“, соопшти Обвинителството.