САМО 20 ОТСТО СЕ СОГЛАСНИ ДА СЕ СМЕНИ УСТАВОТ ЗА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ Отпорот е огромен, потребена е предивдливост на процесот
Останатите 80 отсто, кои не се согласуваат со уставни измени, се поделени помеѓу статус кво, повлекување од процесот на преговорите и промена на Преговарачката рамка, покажа истражување на јавното мислење што го спроведе Институтот за демократија.
Само 20 отсто од граѓаните се согласни да се промени Уставот на Македонија како услов да почнат преговорите со Европската Унија, а останатите се доста поделени помеѓу статус кво, повлекување од процесот на преговорите и промена на Преговарачката рамка, рече Анамарија Велиновска од Институтит за демократија „Социетас Цивилис“, кој заедно со Фондацијата „Конрад Аденауер“ направија истражување за перцепцијата во врска со европската интеграција на земјата.
Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија, рече дека „постои голем отпор за уставните измени како услов за отпочнување на преговорите“.
– Треба да знаеме и дека противењето кон нив по секоја цена, но и повторувањета на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси – рече Трошановски.
Тој смета дека државава треба да заземе проактивен пристап во процесот.
– Мора да работиме посветено на изнаоѓање решенија и од ЕУ да бараме модалитети што ќе ни гарантираат пообјективен и попредвидлив процес на преговарање. Без притоа да бараме промени на Преговарачката рамка или да инсистираме дека нема во иднина да бидеме условувани, меѓутоа да бараме што поголема кредибилност на процесот – рече Трошановски.
На прашањето дали тој поддржува уставни измени со одложено дејство, одговори дека „тие нам не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот“.
Според него, предвидливост треба да бараме во европските стандарди и во примената на Договорот за добрососедство со Бугарија, особено работата на Историската комисија која, како што рече, „сега е оставена да лебди, работи без методологија и по волја на бугарската страна, во еден асиметричен однос“.
– Ако процесот е сега европски и ако целата ЕУ стои зад него, тој треба да биде воден по европски стандарди и тоа е она на што треба да се фокусираме и да го бараме како држава, првенствено. И секундарно, но не помалку важно, во делот на Патоказот за владеење на правото, односно оној план за заштита на малцинските права којшто постојано ќе биде дел од преговорите со ЕУ, треба да го исчистиме од евентуално злонамерни интервенции кои ќе тврдат дека во Македонија има говор на омраза или системска дискриминација врз основа на некои небулозни критериуми, како што на пример беше делот со говор на омраза во приватниот простор кој стои во Договорот со Бугарија, што е надвор од сите стандадри и дефиниции за говор за омраза – рече Трошановски.
Тој нагласи дека „треба да се фокусираме што е можно повеќе да го заштитиме и објективизираме процесот“ бидејќи тоа е интерес и на Европската Унија.
– Бидејќи, без ваков заштитен процес, билатералните проблеми, не само помеѓу Македонија и Бугарија, туку и помеѓу сите останати претенденти, сите билатерални проблеми ќе излезат на површина и повторно ќе го изблокираат проширувањето кое, сега, повеќе од кога било е многу важен момент и нужност на новата реалност за Европа – рече претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски.