📷 ОМЕРАГИЌ СЕ СРЕТНА СО ПРВИОТ ЧОВЕК НА УЕФА Чеферин доби македонски дрес на подарок
Споделивме многу корисни и вредни информации за состојбата во нашиот фудбал и отворено разговаравме за клучните теми, што покажува дека претседателот Чеферин и раководството на УЕФА ги ценат мислењата на сите земји членки, истакна првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Челниците на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), претседателот Масар Омерагиќ и генералниот секретар Дрилон Ганиу, на покана на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, престојуваа во официјална посета на Нион и разговараа со првиот човек на европската фудбалска организација и со неговите најблиски соработници предводени од Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации.
По приемот и пријателскиот разговор, Масар Омерагиќ на Фејсбук ги искажа своите импресии од средбата.
„Го информиравме за нашите клучни цели во периодот што следи, кои првенствено се однесуваат на заеднички инвестиции во инфраструктура, реформите во македонскиот фудбал и изградба, реконструкција и обнова на фудбалските терени во нашата држава. Би сакал да изразам задоволство од овој конструктивен начин на комуникација со водечките луѓе во европскиот фудбал. Имавме прекрасен состанок и срдечен пречек од првиот човек на европскиот фудбал и еден од неговите најблиски соработници, Зоран Лаковиќ. Споделивме многу корисни и вредни информации за состојбата во нашиот фудбал и отворено разговаравме за клучните теми, што покажува дека претседателот Чеферин и раководството на УЕФА ги ценат мислењата на сите земји членки. Постои почит и огромна желба меѓу нас да ги најдеме најдобрите решенија за одредени предизвици со кои се соочуваме, за да продолжиме да го развиваме фудбалот на најдобар можен начин. Тоа првенствено се однесува на УЕФА инвестициските фондови и реформите во нашиот фудбал кои ни следуваат. Мора да дејствуваме веднаш за да избегнеме несакани работи и да тргнеме во позитивен тренд и нови успеси“, напиша Омерагиќ.