УМЕТНИК И КРИТИЧАР НА ОПШТЕСТВОТО И НА ВЛАСТА Српски сликар со македонски корени за првпат ќе изложува во родното Скопје

Како уметник се трудам да зборувам што погласно, од маргините, иако мојот глас повеќе личи на шепот, бидејќи поширокото општество нема слух за творци, вели сликарот Александар Бранковиќ, роден во Скопје, пораснат во Мајданпек, а со адреса во Белград, инаку и жесток критичар на времето, настаните и околностите во кои живееме на овие заеднички простори

2,454

Бифе Тафталиџе, кое освен како маалско кафуле во кое се собираат многу локални жители, но и претставници на интелектуалната елита, писатели, поети, уметници, музичари, политичари и филозофи, е често и простор за културни настани. Така и овојпат, оттаму ја најавија изложбата на Александар Бранковиќ, сликар од Белград, кој е длабоко поврзан со Скопје и со Македонија.

Станува збор за изложбата насловена како „Изгубени конструкции“, закажана за 14-ти февруари, кој е случајно и денот кога се родил овој сликар од соседството и тоа токму во Скопје.






„Скопје е родното место на мајка ми, но и мое. Македонија и Скопје имаат посебно место во нашите животи. Како дете често ги поминував распустите овде со баба ми, а бидејќи таа живееше во Мичурин, можам да кажам дека можев да го почувствувам неговиот автентичен пулс“, ни откри Александар во нашиот разговор воочи изложбата.

Тој ни ја раскажа накусо својата семејна историја и околностите во кои се формирал како уметник.

„Дедо ми беше предвоен архитект кој дипломирал архитектура на Универзитетот во Белград, а татко му – Македонец по потекло од Маврово. Патот го однел прадедо ми во Србија, поточно во Хомоље, Мајданпек, каде што е роден дедо ми. Во 50-тите години на минатиот век, дедо ми се вратил на своите корени и се преселил во Скопје, каде што работел и го поминал остатокот од својот живот.

Можам да кажам дека сите нивни релации се поврзани и со моето движење и животен циклус. Роден сум во Скопје, израснав во Мајданпек, а потоа отидов во Белград да студирам сликарство и останав таму. Но, македонскиот јазик едноставно природно течеше во текот на моето раснење“, вели Александар додавајќи дека токму во нашето Скопје отпочнало и неговото уметничко патување.

„Местото каде што живееше баба ми, поточно основното училиште „Владимир Назор“, во кое учеа мајка ми и тетка ми и двајцата вујковци и нивните ќерки, е за мене значајно место бидејќи, сосема случајно, во 1990-тите првпат ме привлекоа децата кои цртаа на штафелаи додека поминував оттаму. Таа фасцинација ме одбележа засекогаш. Тогаш првпат се прошетав до Академијата, а магијата на тоа место исто така остави длабок впечаток во мене. Сега, од оваа дистанца можам да кажам дека не само што мојот живот започна овде, туку и моето прво сериозно уметничко патување започна овде. Моите први чекори кон развивање на моите вештини, моите први лекции по цртање. Сè после тоа, би рекол, е историја“, се потсети нашиот соговорник.

Токму затоа во неколку наврати размислувал да се претстави со своите дела во Скопје, но дури сега се отворила оваа можност.

„Излезе дека мојот силен интерес вроди со плод и таа можност стана остварлива, до толку што денот на отворањето на оваа изложба, 14 февруари, е всушност исклучително важен ден за мене, бидејќи е и денот на моето раѓање во овој град. И повторно сè некако чудесно се поврза со некои свои судбински нишки“, вели Александар.

Инаку, тој додава и дека не е единствениот во семејството со сликарски талент бидејќи и неговиот дедо и вујко му, биле вешти со сликарските четки и бои.

„Дедо ми кој по професија беше архитект, беше и сликар-аматер кој зад себе остави неколку слики, а и постариот брат на мајка ми, беше вешт со четката и неговите платна беа доказ за истото. Сите во семејството некако потврдија дека архитектурата и уметноста тивко се вдомиле и нашле живеалиште кај нас“, вели Александар.

Сликарот преку своите дела се обидува да го изрази и својот револт поради сето она што се случува во рамките на нашите општества.

„Кога би зборувал за моето уметничко патување, неизбежно би било да кажам дека ме следи судбата на ова наше балканско тло. Многу одрекување, а малку слух, за сите оние кои имаат нешто да кажат на поинаков начин.

Задоцнетите трендови, кај нас, упаѓаат во погрешни моменти како некаков метеор и потоа некако заземаат централно место, а ретко кој може да направи нешто за да измести еден таков монолит од центарот и да постави нешто друго во средиштето и така она што е современо кај нас, одамна е со датум на истечен рок, но сè уште е на полиците на супермаркетите.

 

Современата уметност на Балканот од минатото се обидува да зборува за сегашноста и тука се чувствува некоја напнатост бидејќи тоа не е и не може да биде современо.

Времето во кое живееме имаат свој наратив и тој им е познат на повеќето. Но, уметноста кај нас сè уште се движи во сферата на волшебното и нешто наводно неспознатливо за секој човек, бидејќи не сака да стави датум на производство.

Од друга страна, уметноста овде често се обидува да биде рефлексија и да ја следи линијата на ултра-прогресивното и светското, кое, тука каде што сме ние сега како општество на овие простори, дури и да го сознаеме тоа, немаме капацитети, ниту средства да го произведеме.

Можам да кажам дека сме историски и економски заглавени, дека гледајќи во часовникот и стрелките, времето што поминува и за нив и за нас, не тече подеднакво.

Останавме заробени и некако изгубени, така што наместо да се потпираме на нешто свое, нешто блиско до нас, преземаме само нешто што нам од овој простор, време, опсег и околности, не ни е сходно и нема темели. А без тоа нема напредок“, објаснува нашиот соговорник.

Тој е и остар критичар на власта па вели дека „уметноста и културата се на маргините, а она што го кажуваат поединците, без разлика колку гласно го кажуваат, нема моќ да ја пробие заглушувачката какафонија на општествениот галиматијас што им одговара на оние што се на власт непречено да го удвојат својот профит, а културата и уметноста не можат да станат коректив за општеството што ќе го водат во некоја поизвесна иднина од онаа: „Јас живеам само од денес до утре“.

Сепак, вели, „како уметник се трудам да зборувам што погласно од маргините. Иако мојот глас повеќе личи на шепот, бидејќи поширокото општество нема слух за творци, а јас тоа го правам од позиција дека тоа што го правам е само за некои или за одделни уши. Сè уште не се откажувам, затоа што верувам дека можам да ја фатам фреквенцијата на оние кои исто така постојат и со својот живот сведочат за она што и јас го сведочам. Дека онаа основна конструкција што беше столбот што ја држеше оваа наша градба, во крајна линија, на секој од нас, како индивидуалец, некако е истрошена од животот и настаните. Дури и исчезнала. Ние ќе се урнеме, не само како поединци, туку и како општество.

Ние на овие простори имаме длабоко вкоренето искуство на борба и опстанок. Можеби затоа немаме чувство дека целосно сме се урнале.

Насловот на мојата изложба е „Изгубени конструкции“. Тоа не е случајно. Сфаќам дека мора да ги зачуваме своите човечки тежишта. Ако пропаднат, нема да ни бидат од корист. Затоа што она што ќе остане зад нас никогаш не може да биде ништо поголемо од она што сме…

Мојот глас е по малку плач, по малку врисок и опомена. Мојот глас не е само мој, тој е гласот на колективот!“, завршува Александар Бранковиќ во разговорот за „Плус инфо“, најавувајќи ја својата прва самостојна изложба во Скопје.

Поврзани содржини