СДСМ ПРЕСМЕТУВАШЕ ДАЛИ ЌЕ ОСВОИ ЕДЕН ИЛИ НИЕДЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ Мицкоски не дава ни денар за рекламите на Фејсбук, појаснува ВМРО-ДПМНЕ
Една реклама на Фејсбук, која е јавно достапна и транспарентна, не е ниту еден промил од грабежот и криминалот што го спроведуваше СДСМ, се вели во соопштението на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Во недостаток на идеи, СДСM денес се фати за целосно нерелевантни теми. Очекуваме сѐ од оваа забегана криминална клика на чело со Филипче, но дека ќе критикуваат потези на транспарентност и отвореност, не верувавме. Наместо да се соочат со сопствените корупциски скандали и злоупотреби, тие се обидуваат да го одвлечат вниманието на јавноста со неосновани обвинувања“.
Ова се наведува во реакцијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на партијата СДСМ за наводното трошење големи суми пари од страна на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за реклами на социјалните медиуми.
„СДСМ мисли дека грубите злоупотреби и криминалната спрега со креаторите на ‘лажните вести’ на социјалните медиуми, кога тие трошеа повеќе од 20.000 евра на ден за спонзорирани лаги, ќе бидат заборавени. Но, тоа време е минато. Граѓаните знаат кој ги труеше со лажни вести, а кој работи отворено и отчетно. Инаку, да разјасниме – Мицкоски не дава денар за такви работи. А СДСM сè додека не сфати дека мора да излезе од лудилото во кое е навлезен, ќе се доведува во ситуации како на неодамнешниот состанок во партијата кога пресметувале дали ќе освојат еден или ниту еден градоначалник на следните избори. Народот ги препознава вашите глупости, лицемерие и забеганост и џабе ви се вакви лажни тврдења“, се додава во соопштението на партијата.
Една реклама на Фејсбук, се наведува во соопштението, која е јавно достапна и транспарентна, не е ниту еден промил од грабежот и криминалот што го спроведуваше СДСМ.
„Граѓаните не се наивни и јасно ја гледаат разликата помеѓу транспарентното работење на ВМРО-ДПМНЕ и коруптивните практики на СДСМ. Време е СДСМ да престане со лицемерието и да се соочи со последиците од своите постапки“, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, партијата СДСМ, го обвини премиерот Мицкоски дека троши многу пари за реклами на социјалните медиуми додека владее сиромаштија во Македонија.
„Премиерот Христијан Мицкоски кој јавно вели дека не пробал цреши, месечно троши илјадници евра за реклами на Фејсбук. Додека луѓето едвај врзуваат крај со крај поради огромните поскапувања, додека нема пари за поголема минимална плата и додека луѓе умираат бидејќи нема лекови Мицкоски фрла илјадници евра за лајкови. Само една реклама на профилот на Мицкоски чини 600 евра, многу повеќе од минимална плата. Тоа што Мицкоски ги убедува граѓаните дека им е доволно за цел месец го троши на Фејсбук за неколку дена. Каков безoбразлук, какво лицемерие. Да се фрлаат илјадници евра за реклми на Фејсбук покажува дека на оваа власт не и се важни граѓаните. За Мицкоски поважно е да фрла илјадници евра за лајкови, да се слика и да се снима, а за граѓаните баш му е гајле, нека се мачат како ќе го поминат месецот“, се наведува во соопштението на партијата СДСМ.