КОЈ ЌЕ БИДЕ АДУТОТ НА МИЦКОСКИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ? Перински фаворит, Ѓеоргиевски најпопуларен во базата
Според најдобрите искуства на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот ќе го определат анкетите, тврдат познавачите на приликите.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и Извршниот комитет не се откажуваат од статутарното право да предложат свои имиња за кандидати за градоначалници, за кои ќе се прави анкета меѓу членството. Тие имиња се надвор од списокот подготвен со предлози од општинските комитети во пресрет на локалните избори, тврди телевизија Телма.
Телевизијата тврди дека преовладува мислењето дека фаворит на лидерот Христијан Мицкоски за градоначалник на Град Скопје е актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, кој и не ги крие своите амбиции за оваа позиција. Прексиноќа, во телевизиско интервју, Перински рече лично верува дека предлогот кој ќе го даде Мицкоски до извршните тела ќе биде идниот градоначалник на Скопје.
Неофицијално, во партиската база, според Телма, највисоко котира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, а веднаш по него е Бобан Стефковски, градоначалникот на Гази Баба.