КОЈ МУ ДАДЕ НА ЈОВАНОВ ТЕЛЕФОН ВО ПРИТВОР? Семејството на Фросина бара одговор, Пандов најавува казни за корумпирани службеници
Росица Кулакова, сестрата на Фросина која загина на Партизанска во Скопје, кога автомобил удри во неа, управуван од 20-годишниот Васил Јованов, јавно се обрати со апел да се пронајде одговорното лице кое го снабдило со мобилен телефон додека тој е во притвор.
„Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за внатрешна контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корупцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?“, пишува во објавата од профилот на Фросица Кулакова на Фејсбук.
Претходно на оваа социјална мрежа беа објавени фотографии за кои се тврди дека се од притворениот Јованов кој во рацете држи мобилен телефон.
Директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов за медиумите вели дека мобилниот телефон веднаш му е одземен и дека ќе има сериозни санкции за корумпираните службеници кои што му го дале.
– Јас би ги избркал и од работа – вели Пандов.
Директорот на КПД Затвор – Скопје не потврди дали на фотографиите е Јованов, но истакнува дека во тек е претрес на ќелиите во притворот.