На булеварот Партизански одреди во Скопје, кај Универзална сала, утре во 17 часот ќе се одржи протестен марш поради смртта на 22-годишната Фросина од Неготино, која како пешак беше прегазена од 20-годишно момче кое возело со брзина од 130 километри на час и било под дејство на алкохол.
Од иницијативата Кој е следен?, што практично е и пораката за утрешниот протестен марш, истакнуваат дека случајот со Фросина Кулакова не е изолиран, се повторуваат истите случаи на неконтролирано возење со години, се повторува неказнувањето и недолжното згаснување на животи.
„Фрустрирани од состојбите што не се менуваат, повикуваме на изразување на граѓански револт. Системот ги отфрла децата и младите кои поради недоволна грижа го избираат погрешниот пат. Институциите не се координирани и тоа доведува младите да не ја добиваат потребната поддршка за да бидат активни чинители во општеството. Тој недостиг на поддршка резултира до сѐ почести фатални последици.
Протестот има за цел да адресира три главни проблеми:
1. Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите кои се во судир со законот
2. Недоволна безбедност во градовите
3. Глорификација на девијантно однесување
Алките во системот за работа со деца и млади во судир со законот не функционираат.
Институциите не настапуваат координирано за идентификување на едата и младите во судир со законите, а тие кои веќе се идентификувани не ја добиваат функционалната грижа за да се изградат во корисни и чесни граѓани на општеството. Дополнително, урбаната инфраструктура не ја осигурува потребната безбедност.
Неопходно е градовите да можат да гарантираат безбедни услови за живот. За крај, од исклучителна важност е да се поттикне јавната свест кон гласно осудување на глорификацијата на девијантното однесување. Круцијално е да се информираат граѓаните за последиците од возвишувањето на неказнивоста и заобиколувањето на правилата“, порачаа од Кој е следен?