СО ОВАА ВЛАДА МНОГУ ПОЛЕСНО ЌЕ ТЕЧАТ ПРЕГОВОРИТЕ СО ЕУ Таравари жали за скандалот со Онкологија

Вистина е дека една од точките во преговорите со нашиот партнер ВМРО-ДПМНЕ беше преговорите со ЕУ. Јас сум многу среќен, бидејќи ние го даваме нашиот максимум. Се радувам дека премиерот е проевропски ориентиран, има одлични односи со ЕУ и со САД, порача Арбен Таравари од Вреди.

576

Министерот за здравство Арбен Таравари на пратеничко прашање изјави дека промената на Уставот за одблокирање на евроинтеграциите на земјата, било една од точките на договор со коалицискиот партнер во Владата и увери дека со оваа Влада ќе биде многу полесно отворањето на преговорите со ЕУ.

Пратеничката Арбана Пашоли од опозициската ДУИ праша дали имаат договор со коалицискиот партнер за уставни измени за отворање на евроинтеграциите и за дефинирање на албанскиот како службен јазик, согласно предизборните ветувања на АА, и колку време им треба за тоа, бидејќи според неа надминати биле ветените рокови.






Таравари, на тоа ја праша што ДУИ сториле за овие прашања досега иако, вели, бевте на власт седум мандати, од 2002 и ветувавте дека ќе почнете со преговори и ништо од тоа не се случи.

– Вистина е дека една од точките во преговорите со нашиот партнер ВМРО-ДПМНЕ беше преговорите со ЕУ. Јас сум многу среќен, бидејќи ние го даваме нашиот максимум. Се радувам дека премиерот е проевропски ориентиран, има одлични односи со ЕУ и со САД. Отворањето на преговорите ќе биде многу полесно со оваа Влада, отколку со ДУИ кои имаат луѓе кои се на „црната листа“. Треба да се реформите, да се ресетирате, да се симнете на земја и кога зборувате за другите прво да појдете од себе си. Јас продолжувам да мислам, дека Алијанса за Албанците заедно со ВЛЕН ќе се обидува заедно со оваа Влада и за почеток на преговорите со ЕУ, но и за формулацијата 20 отсто да се тргне од Уставот. Ова се прави во координација со главниот партнер во власта – вели Таравари.

На прашањето од пратеничката Пашоли дали како лидер на неговиот огранок на АА и како поранешен градоначалник на Гостивар ќе преземе некој чекор за промена на имињата на улиците, кои, според неа не ја отсликуваат реалноста и дали со коалицискиот партнер има договор за именување само на улиците со бројки во Гостивар, Таравари рече дека имињата на улиците треба да се менуваат со консензус, како што доликува на 21 век.

– Во Гостивар, Тетово и Чаир ние треба да се научиме дека ние сите што живееме тука – тука Албанци, Македонци, Турци, Роми, треба да живееме со сите. За имињата на улиците треба со консензус да се одлучува. Една да се именува Ферид Мурат, другата Мајка Тереза, наредната Тоше Проески..Ние треба да се договараме меѓу себе, со насилство не може да се менуваат (имињата на) улиците. Треба да имаме договор со тие со кои живееме заедно. Треба да ја смените вашата перцепција на работите, така не оди. Сите се дистанцираа од вас, меѓународниот фактор и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Кажете ми релевантен фактор со кој што соработувате, дали ги гледате анкетите каде сте, имате проблем со себе си. Вие треба полека да го смените вашето размислување, и да сфатите дека сега сме 21 век и треба да размислувате на европски начин. Нашата цел како држава е да одиме во Европа, а не да се вратиме во средниот век – кажа Таравари на собраниската седница посветена на пратенички прашања.

Жалам за скандалот со Онкологија

Се трудиме да ги изгаснеме огновите кои сме ги наследиле и со стратегија да ги подобриме состојбите, а веќе од понеделник ќе се обезбедат сите лекови кои недостигаат за терапија на онколошките пациенти, рече министерот за здравство, Арбен Таравари во одговорот на пратеничкото прашање од Тони Јаревски на денешната собраниска седница кој побара одговорност за состојбите во кои западнало јавното здравство и проблемите во универзитетската клиника за онкологија.

Таравари вината ја префрли на претходното раководство и остро ги критикуваше настапите на опозициската СДСМ поврзани со „случајот“ Онкологија.

– Јас не знам како министерот Филипче има лице и кредибилитет да излезе и да критикува за нешто што во неговиот мандат беше најголем скандал во министерството за здравство во последниве 3-4 години. Тоа што настана во Онкологија е скандал пар екселанс и мене ми е жал што сè уште нема едно судско решение. Во меѓувреме ние се трудиме таму да ги решиме работите и лековите да не се земаат на реверс – рече министерот Таравари.

Тој напомена дека порано лековите на Онкологија кои чинеле многу не се набавувале според процедури и како што напомена таа практика ќе биде прекината.

– Биолошката терапија е многу скапа. Не може да ја препише лекар кога ќе му текне, треба да има конзилиум на лекари кои ќе кажат дека тука е индицирано и треба да се земе таа терапија. Зошто? Ова е скапа терапија што ја плаќаме од државниот буџет и треба да ја земат тие случаи кои имаат потреба. Интервениравме и денес, неколку од тие онколошки лекови се на Клиниката за онкологија. Други утре ќе ги донесеме, бидејќи на дистрибутерите им треба време, а некои в понеделник. В понеделник ќе бидеме 100 отсто комплетирани – рече министерот Таравари.

Според него преземени се мерки за злоупотреби на скапите лекови, да се продаваат или даваат таму каде што нема потреба од биолошка терапија и напомена дека се работи на регистар на сите пациенти кои имаат потреба од вакви лекови или се третираат со вакви лекови. Тој во одговорот на пратеничкото прашање наброја што сработиле како Влада и напомена дека меѓу првите задачи било решавањето на проблемот со гасната станица на хирургија, болницата во Штип, барањата на синдикатите за повисоки плати и дополнување на позитивната листа на лекови.

Таравари најави дека во тек е решавањето на прашањето со вработените на дело (околу 1.500), а за, како што рече 1.200 ќе се решат наскоро.

Поврзани содржини