СКАНДАЛ НА ДЕРМАТОЛОГИЈА Недостасуваат милиони, лекови со истечен рок, а скапа опрема не се користи
Дополнителна анализа покажала дека во магацините на Клиниката и кај пациентите сè уште има лекови во вредност од 31,7 милиони денари, од кои дури 39% се со истечен рок на траење.
Клиниката за дерматологија е соочена со сериозни финансиски и оперативни проблеми, според најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Извештајот открива низа неправилности во управувањето со лековите за ретки болести, како и во финансиското работење на установата.
Најголема загриженост предизвикува отсуството на соодветна сметководствена евиденција за лековите што се користат за пациенти со ретки болести. Според ревизорите, во 2023 година, Клиниката примила лекови во вредност од 37,4 милиони денари, но евидентираната потрошувачка изнесува само 27,4 милиони денари, што остава разлика од 8,8 милиони денари.
Дополнителна анализа покажала дека во магацините на Клиниката и кај пациентите сè уште има лекови во вредност од 31,7 милиони денари, од кои дури 39% се со истечен рок на траење.
„Ваквата состојба укажува на несоодветно планирање и управување со лековите, што може да има сериозни последици по здравјето на пациентите“, стои во извештајот на ревизорите.
Проблеми се констатирани и во финансирањето на медицинската опрема. Клиниката во 2023 година добила 13 милиони денари за набавка на апарати и лекови, но без јасно стручно образложение за потребата од нив. Од оваа сума, скоро 10 милиони денари биле потрошени за два ласери, кои сè уште не се ставени во функција.
Податоците од системот „Мој термин“ покажуваат дека бројот на извршени здравствени услуги во 2023 година бил 36.988, што е намалување во однос на 2022 година, кога биле извршени 37.733 услуги. Сепак, финансискиот надоместок што Клиниката го добила бил зголемен – од 88,6 на 92,1 милиони денари.
Дополнително, ревизорите предупредуваат дека Клиниката има ненаплатени побарувања од Министерството за здравство во висина од 1,3 милиони денари, а враќањето на овие средства е неизвесно.
„Потребни се итни реформи во финансиското и оперативното работење на Клиниката за да се спречат понатамошни нерегуларности и загуби“, препорачуваат ревизорите.