ИНСПЕКТОРАТИТЕ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ САМОСТОЈНИ, ЌЕ РАБОТАТ ВО СОСТAВ НА МИНИТЕРСТВАТА Собранието ги донесе измените на Законот за инспекциски надзор

Iнспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и за вработувања, ниту да одлучуваат за правата и за обврските од работен однос на вработените.

376

Со 66 гласови „за“ и 8 „против“, Собранието денеска ги донесе измените на Законот за инспекциски надзор по скратена постапка. Отсега инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и за вработувања, ниту да одлучуваат за правата и за обврските од работен однос на вработените.

Во текот на кусата расправа, опозициските пратеници предупредија дека со измените се суспендира инспекцискиот надзор и се создава правна апсурдност и несигурност. Пратениците од власта, пак, им порачаа дека кажуваат небулози и дека ако сакале вистински да го подобрат текстот, требале да поднесат амандмани.






– Измените се задоцнети и беспредметни, а инспекторатите вршат надзор што може да биде оспорен, зашто не постојат како правни субјекти. Им го укинавте својството на правно лице, без да видите што понатаму со нив, и тие веќе не постојат. Предлагате опремата, архивата и обврските од инспекторатите да се преземат од министерствата во чии рамки треба да работат, но како да се преземе некој што не постои повеќе од 30 дена? Од друга страна, како се веќе преземени дел од инспекторатите, без дефиниран правен основ? За тоа некој треба да сноси одговорност – рече Јованка Тренчевска од СДСМ.

Таа праша што е со инспекторатот за употреба на јазиците.

На тоа ѝ реплицираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

– Одговорен потег би било да поднесете амандмани. Но, откако е помината амандманската распава, да кажувате што не чини, е сосема неодговорно за гласачите, а тука сме да работиме за доброто на граѓаните. Не мислам дека е така како што велите, но ако е, ред ќе беше да поднесете амандмани – истакна Карапејовски.

Тренчевска му врати дека нема простор за амандмани.

– Со тоа не се решава проблемот за правниот скандал во делот на инспекцискиот надзрор, потребно е многу повеќе од поднесување амандмани – рече Тренчевска.

Сали Мурати од Движењето на Турците оцени дека со овие законски измени се прави серизно отстапување од европските стандарди и се создава правна несигурност. Измените, потенцира Мурати, ќе значат директно политичко влијание врз инспекциските служби од извршната власт.

– Законот суштински ја менува архитектурата на инспекцискиот систем, што е многу проблематично. Ова бара темелна анализа, широка консултација со јавноста и сериозни подготовки, рече пратеникот.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека опозицијата кажува небулози.

– Ништо од тоа што го кажа Тренчевска не е вистина, нема никаква врска со реалноста, ниту еден збор не е точен. Инспекторатите не го губат правниот субјективитет, туку одат под министерствата, а суштината на законските измени е да се намалат буџетските корисници од прва линија. Тоа не значи дека го губат правниот субјективитет. Сите отворени прашања од аспект на исплата на плати и сите материјални обврски се решаваат со еден член на законот. Ве молам да ги читате законите и да престанете да го лажете народот – истакна Стојановски.

Според измените за законот, Државниот девизен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за финансии, а Државниот инспекторат за техничка инспекција продолжува да работи како Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини во состав на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за шумарство и ловство продолжуваат да работат во состав на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат продолжува да работи во состав на Министерството за здравство, а Државниот просветен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за образование и наука.

Државниот инспекторат за труд продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот пазарен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за економија и труд, Државниот инспекторат за локална самоуправа продолжува да работи како орган во состав на Министерството за локална самоуправа, а Државниот управен инспекторат продолжува да работи како орган во состав на Министерството за јавна администрација.

Државниот инспекторат за транспорт, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот комунален инспекторат продолжуваат да работат како органи во состав на Министерството за транспорт, а Државниот инспекторат за животна средина во состав на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Поврзани содржини