ВИДЕОЛОТАРИЈА НУДИ ПОМОШ ЗА ОДГОВОРНО ИГРАЊЕ Над 200 лица се јавиле на СОС линијата и побарале совет

Прим. д-р Павлинка Васкова, член на стручниот тим на проектот „Играј одговорно“, истакнува дека многу луѓе кои страдаат од зависност често доцна ја бараат помошта.

380

Сè повеќе лица во Македонија бараат помош за зависност од игри на среќа, а само во 2024 година на СОС линијата 072 809 809 се јавиле над 200 граѓани. Ова го потврдуваат податоците на Државна Видеолотарија на Македонија – Касинос Австрија, која преку проектот „Играј одговорно“ нуди бесплатна психо-социјална поддршка за сите што се соочуваат со оваа состојба.

„Како компанија која се залага за одговорно играње, свесни сме за ризиците што ги носи прекумерното учество во игрите на среќа. СОС линијата и стручните советувалишта се наш начин да им помогнеме на оние кои имаат проблем и да го намалиме ризикот за ранливите категории“, велат од Видеолотарија.






Покрај СОС телефонската линија, зголемена е и посетеноста на стручните советувалишта во Скопје, Прилеп и Куманово, кои се поддржани од компанијата во соработка со психолози и психијатри.

Прим. д-р Павлинка Васкова, член на стручниот тим на проектот „Играј одговорно“, истакнува дека многу луѓе кои страдаат од зависност често доцна ја бараат помошта.

– Најголемиот проблем кај зависностите од коцкање е што луѓето долго време не признаваат дека имаат проблем. СОС линијата е првиот чекор за многумина да побараат совет и поддршка, без страв од осуда – вели д-р Васкова.

Во рамки на проектот „Играј одговорно“, Државна Видеолотарија Касинос Австрија организира едукативни работилници на Славјанскиот универзитет во Свети Николе и Битола, Филозофскиот факултет – УКИМ, како и Медицинскиот факултет, во соработка со Катедрата по психијатрија.

„Младите се најранлива категорија кога станува збор за зависностите. Затоа организираме едукативни работилници за студентите, со цел да ги информираме за ризиците и начините за превенција“, велат од компанијата.

Во ноември минатата година, како дел од напорите за подигнување на јавната свест, беше одржана и едукативна трибина во Кинотеката на РСМ под слоганот „Направи го вистинскиот избор“, посветена на спречување на негативните последици од зависностите од психоактивни супстанции и игри на среќа.

„Нашата цел е не само да обезбедиме поддршка за оние кои веќе се соочуваат со проблем, туку и да ја подигнеме свеста за одговорно играње и да спречиме нови случаи на зависност“, рекоа од Касинос Австрија.

Сите кои чувствуваат дека имаат проблем со коцкање или познаваат некој на кого му е потребна помош, можат анонимно и бесплатно да се обратат на СОС линијата 072 809 809 или преку е-пошта.

– Најважно е да знаат дека не се сами. Постојат професионални сервиси кои можат да им помогнат – истакнува д-р Васкова.

Поврзани содржини