УСПЕШНАТА ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ДАУТИ КАКО ПОКАЗНА ВЕЖБА ЗА РАЗВОЈ НА ПОЛИТИЧКА КУЛТУРА Демократски и зрело е отповиканиот да поднесе оставка

За прв пат во демократската историја на Македонија се случува функционер да се повлече од функцијата затоа што пратениците му изгласале недоверба.

1,066

Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути, на која пред шест дена во Собранието ѝ беше изгласана интерпелација со гласовите на 61 пратеник, денеска поднесе оставка од функцијата во собраниската комисија.

Со ова, за прв пат во демократската историја на Македонија функционер се повлекува од функцијата затоа што пратениците му изгласале недоверба.






Во сите досегашни постапки недовербата не беше изгласувана, затоа што вообичаено интерпелацијата за министрите и за другите владини функционери ја иницираше опозицијата, која не добиваше поддршка од власта. Имаше и повеќе интерпелации за целата влада, од кои успешна беше само една – во јули 1992 година, кога Собранието ѝ изгласа недоверба на тогашната техничка влада на чело со Никола Кљусев, за да се избере првата политичка влада. Оттогаш, до Илире Даути, интерпелација не била изгласана.

Интерпелацијата не е автоматско разрешување, туку повод за разрешување

Доколку пратеничката Даути не поднесеше оставка по изгласаната недоверба, Собранието ќе требаше да влезе во толкувања на Деловникот во кој не е јасно напишано што следува понатаму. Особено откако претседателот на Собранието Африм Гаши потенцираше дека изгласаната интерпелација не значи автоматско разрешување на Даути, туку само е повод да се покрене постапка за разрешување.

За да биде разрешена, Гаши ќе требаше да го достави заклучокот од интерпелцијата до Комисијата за изборите и именувањата, која пак, ќе требаше да даде предлог за разрешување, а пратениците да го усвојат на пленарна седница. Работите можеше да се искомплицираат затоа што Гаши не го достави заклучокот до Комисијата за изборите и именувањата, и соопшти дека неговите обврски според Деловникот се завршени, а пратениците ќе требаше да бараат нови начини за да ја истераат постапката до крај.

Ова наметна прашања која е тогаш поентата на инструментот интерпелација, ако не повлекува разрешување по автоматизам.

И експертите и повеќе пратеници се согласуваат со ставот на Гаши дека изгласаната недверба не значи автоматско разрешување, туку е повод за разрешување доколку функционерот самиот не поднесе оставка.

Демократска контрола и политичка култура

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска вели дека секој носител на јавна функција кому му е изгласана недоверба во работата со интерпелација треба да си замине од функцијата, без разлика дали тоа е стриктно наведено во Деловникот на Собранието или не.

– Секаде во светот интерпелацијата се разгледува како парламентарен инструмент за барање одговорност на носител на јавна функција кој е избран од Собранието доколку пратениците се сомневаат во законитоста на вршењето на јавната функција. Во конкретниот случај, иако тоа не е децидно наведено во Деловникот на Собранието, се смета дека целта на изгласаната интерпелација е функционерот да понесе одговорност поради изгласаната недоверба. Поднесувањето оставка како личен чин на одговорност или разрешување од страна на Собранието се можни последици од изгласаната интерпелација, бидејќи самото изгласување на интерпелацијата создава значителен политички притисок врз функционерот. Тој притисок значи дека носителот на функцијата повеќе нема доверба од Собранието да ја врши доверената функција, што треба да доведе до оставка или до разрешување – вели Каракамишева за Плусинфо.

Оставката или разрешувањето на функционерот по изгласана интерпелација, додава таа, е израз на демократската парламентарна контрола и одговорност, како и на висок степен на политичка култура, што е клучна цел на овој парламентарен инструмент.

– Иако во собранискиот Деловник не е целосно и прецизно предвидено што треба да следи по изгласаната интерпелација, сепак одговорноста е утврдена и заминувањето на лицето од функцијата не треба да биде доведено во прашање. Најлошо е доколку се дозволи интерпелацијата да се сведе на обична политичка игра без завршница со заминување од функцијата. Поради, за жал, сè уште присутната ниска политичка култура во земјата ќе мора под итно да се дополни Деловникот на Собранието дека секоја изгласана интерпелација од страна на пратениците ќе значи по автоматизам разрешување на носителот на јавната функција, или разрешување доколку функционерот не поднесе оставка во најкраток рок, со цел да се обезбеди вистинска, а не квази-парламентарна контрола врз избраните и/или именувани функционери – вели професорката Каракамишева.

Ова не се случило досега

Поранешниот пратеник Илија Димовски вели дека поентатата на интерпелацијата е токму во оставката на Даути, затоа што целта на инструментот е развој на демократијата и на политичката култура.

– Најдобро е функционерот сам да ја понесе одговорноста, тоа е смислата на интерпелацијата, тоа е демократски. Тоа значи да се повлече штом ќе се утврди дека нема поддршка, односно дека не ја почитува народната волја. Сите досегашни кризи во Македонија се резултат на непочитување на народната волја – вели Димовски за Плусинфо.

Тој додава дека доколку спикерот Гаши не го доставеше заклучокот за изгласаната интерпелација, тоа ќе можеше да се заобиколи со барање на кој било пратеник за измена на предлог-одлуката со која Даути е избрана за претседател на собраниската комисја.

– Има начини да се ефектуира изгласаната интерпелација. Но, се согласувам дека треба да се поедностави процедурата во Деловникот. Ова е добар пример, што не се случил досега. Посакувам повеќе успешни интерпелации во Македонија во иднина – додаде Димовски.

На Илире Даути ѝ беше изгласана интерпелација на иницијатива на опозициската Левица, а со поддршка на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, затоа што го прекрши Деловникот со тоа што не ги стави на дневен ред измените на Законот за бранители, предложени од СДСМ.

Поврзани содржини