НЕМА ДА ИМА УСТАВНИ ИЗМЕНИ БЕЗ ГАРАНЦИЈА ОД БРИСЕЛ Мицкоски појасни дека тој не е авантурист, ниту, пак, егзибиционист

Не дека ние сме брилијантни дома, но има многу земји членки коишто станале земји членки (на Европската Унија), па не биле брилијантни. Да бидам подиректен, не секогаш станува збор за кластери и поглавја, туку има и политичка волја и одлука, појасни премиерот Христијан Мицкоски.

423

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека уставни измени нема да има без добиени гаранции од Брисел, односно, како што вели, заеднички изготвен јасен план дека нема понатамошна билатерализација на процесот на пристапување.

– Очекувам дека македонското досие конечно ќе добие светлина во Брисел и очекувам дека ќе седнеме заедно со луѓето во Брисел да разговараме и да направиме план и сценарио – како до самиот крај, а не само за првите една или две пречки. Сакам да видам план во којшто ќе учествуваме активно како да дојдеме до самиот крај. Се разбира, никој не може да ни гарантира дека ќе дојдеме во одреден временски период, но може да ни гарантира дека немаме повеќе проблем со билатерални прашања. Бидејќи ние не сме се поместиле милиметар во овие 20 години поради билатералните прашања. Не дека ние сме брилијантни дома, но има многу земји членки коишто станале земји членки, па не биле брилијантни. Да бидам подиректен, не секогаш станува збор за кластери и поглавја, туку има и политичка волја и одлука. Очигледно, за македонското досие таква политичка волја и одлука во изминативе 20 години немало. Ова е двосмерна улица, ние сме поготвени да ја возиме нашата насока, но дали вистински е подготвен Брисел за да ја возат тие својата насока – не декларативно, не тапкање по рамо, не испраќање пораки, да седнеме и да направиме јасен план. Ете тоа го очекувам од Брисел – вели Мицкоски на новинарско прашање на заедничката прес – конференција во владиниот медија-центар со министерката Весна Јаневска.






На дополнително прашање поврзано со тоа дека од Брисел се инсистира на уставни измени за продолжување на европскиот пат и за изјавата на спикерот Африм Гаши дека за тоа е потребна политичка волја кај најголемата владеjачка партија, Мицкоски потврди дека додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, измени на Уставот нема да има, без добиените гаранции од ЕУ.

– Да, нема да има политичка волја додека јас ја водам Владата и додека јас сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а без ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани – нема и нема ни да има. Зашто јас не сум авантурист, ни егзибиционист во мојот живот, газам на цврста штица и ако носам каква било одлука, таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш јас ќе бидам подготвен – рече Мицкоски оценувајќи ја изјвата на Гаши како интелигентна бидејќи е свесен за реалноста во земјава, дека без ВМРО-ДПМНЕ нема уставни измени.

Поврзани содржини