ЌЕ СЕ ОБНОВАТ БОЛНИЦИТЕ ВО КИЧЕВО И ВО ОХРИД, ЌЕ СЕ ДОГРАДИ КЛИНИКАТА ВО ШТИП Пратеничката Дафина Стојановска најави богат буџет во здравството

Во буџетот за 2025 година се планирани и пари за континуирано зголемување на платите во здравството во следните четири години, за до крајот на мандатот, сите здравствени работници да добијат поголеми плати од 40 до 50%, најави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска.

740

Со предлог буџетот приоритет стануваат здравствената заштита и превенцијата, повисоки плати за сите вработени во здравствениот сектор и сеопфатна трансформација на здравствениот систем, рече денеска пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска на прес-конференција во Собранието во врска со државниот буџет за 2025 година. Идната година 7,5 милијарди денари (122 милиони евра) ќе се слеат во Министерството за здравство, што е 334 милиони денари повеќе од годинава, рече таа.

– Со буџетот за 2025 година ќе се набави современа опрема за јавните здравствени установи, а предвидена е и доградба и реконструкција на болниците. Меѓу нив, Општата болница Кичево, Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“  Скопје. Ќе продолжи изградбата на Клиничката болница во Штип, а се планираат и градежни активности и реконструкции во Здравствениот дом Скопје, Клиниката за психијатрија и многу други – најави пратеничката Стојановска.






Со новиот буџет приоритет е и финансиската стабилност на Фондот за здравство, а со тоа стабилноста и на целиот здравствен систем, додаде таа.

– Во буџетот се планирани и пари за континуирано зголемување на платите во здравството во следните четири години, за до крајот на мандатот, сите здравствени работници да добијат поголеми плати од 40 до 50%. Ова се јасни показатели дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за здравствените работници. Тие да земаат достоинствена плата, да работат во достоинствени услови, а граѓаните конечно да добијат квалитетни и навремени здравствени услуги – рече Стојановска.

Поврзани содржини