КЛИМАТСКИОТ САМИТ ВО БАКУ Е „ЦРН ХУМОР“ Грета Тунберг потсети дека Азербејџан живее од фосилни горива
Шведската активистка посочи дека целата економија на Азербејџан е изградена на фосилни горива, кои сочинуваат скоро 90 отсто од извозот на земјата. Taa исто така, го критикуваше досието за човекови права на Азербејџан, велејќи дека многумина присутни на конференцијата се плашат да го критикуваат режимот.
Климатската активистка Грета Тунберг ја критикуваше годишната конференција за климатски промени на Обединетите Нации што годинава се одржува во Баку, нарекувајќи ја „црн хумор“ во статија објавена денеска во британскиот весник „Гардијан“.
„Конференција на мирот? Како може авторитарен и противник на човековите права Азербејџан да ја одржува таа конференција?“, праша во насловот на својата статија 21-годишната активистка, која го опиша Самитот како „само чин на зелено перење“.
Таа посочи дека целата економија на Азербејџан е изградена на фосилни горива, кои сочинуваат скоро 90 отсто од извозот на земјата.
„Без оглед на тоа што можеби тврди, Азербејџан нема амбиции за климатска акција“, вели Тунберг.
Во написот таа објаснува дека Азербејџан планира да го прошири производството на фосилни горива, што е сосема некомпатибилно со целта од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот климатски договор.
Шведската активистка, исто така, го критикуваше досието за човекови права на Азербејџан, велејќи дека многумина присутни на конференцијата се плашат да го критикуваат режимот.
„Режимот на Азербејџан е виновен за етничко чистење, хуманитарни блокади и воени злосторства, како и за репресија врз сопственото население и притисок врз граѓанското општество во земјата“, напиша таа.
Тунберг моментално се наоѓа во Грузија, западен сосед на Азербејџан, но не планира да патува во Баку за конференцијата. Наместо тоа, таа ќе патува во Ерменија на подоцнежен датум.