ИНДУСТРИСКОТО ПРОИЗВОДСТВО ВО СЛОБОДЕН ПАД Во септември е намалено за 7,9%
Индустриското производство се намалува од вториот квартал годинава. Раст е забележан само во месеците јануари од 2,8%, февруари од 0, 3% и во јули од 3,8%.
Индустриското производство во септември забележа пад од 7,9% во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Индустриското производство се намалува од крајот на првиот квартал годината. Раст е забележан само во месеците јануари од 2,8%, февруари од 0, 3% и во јули од 3,8%. Кумулативно од јануари до крајот на септември годинава споредено со истиот период лани индустриското производство е намалено за 4,2%
Според статистика во септември на годишно ниво производството е намалено во рударскиот сектор за 7,5 %, додека преработувачка индустрија за 6,6%, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање за 10 %.
Намалувањето на производството во преработувачката индустрија е забележано во 11 сектори. Најголем пад на производството има во секторот за производство на други неметални минерални производи од 7,8%, а највисок раст на производството од 162% има во индустријата рангирана под „останата производствена индустрија“ и во тутунската индустрија каде што е забележан раст на производството од 114,9%.
Традиционално пад на производството има во текстилната и кожарската индустрија и производството на мебел, но интересно е што и фармацевтската индустрија бележи пад од 11,8%.
Според главните индустриски групи, производството во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи опаѓање кај Енергија за 14,9 %, Интермедијарни производи, освен енергија за 12,2 %, Трајни производи за широка потрошувачка за 3,8 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 5,9 %, додека пораст бележи кај Капитални производи од 2,4 %.