ЌЕ СЕ ПРОДАВААТ КАКО СТАРО ЖЕЛЕЗО Општината и „пајакот“ го чистат центарот од хаварисани возила
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека оваа акција се спроведува за да се промени сликата во општината и се ослободи јавниот простор.
Општина Центар заедно со пајак-службата на „Паркинзи на Општина Центар“ и МВР денеска ги крева хаварисаните возила кои не се во возна состојба икои со години зафаќаат паркинг-простор или се на јавна површина. Акцијата се спроведува во реонот спроти Соборниот храм и пред бараките на Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека оваа акција се спроведува за да се промени сликата во општината и се ослободи јавниот простор.
„Дел од возилата не само што зафаќаат слободно паркинг-место, туку го попречуваат движењето на пешаците и ја грдат сликата во општината. Затоа сакаме конечно ставиме крај на проблемот со хаваросани возила“, вели Герасимовски.
Директорот на ЈП ПОЦ, Душко Коцевски вели дека акцијата за бесплатно подигање на хаварисаните возила ќе се спроведува континуирано.
„Во согласност со сопственикот на хаварисаното возило ние го носиме во лиценцирани отпади кои селектираат суровини. Сопственикот може да присуствува на проценката и за возилото да добие надоместок, секако во зависност од проценката за големината и тежината на возилото. Акцијата ќе продолжи и во иднина“, објаснува Коцевски.
Инспекциските служби на Општина Центар во изминатиот период започнаа со ставање на известување односно опомени до сопствениците на хаварисаните возила за да се јават на телефонски број 076 350 767 со цел ПОЦ бесплатно да го крене возилото и го однесе во отпад за да биде проценето согласно откупната цена за старо железо.