САМО 7% ЗАНАЕТЧИИ ОД ПОЛОШКО АПЛИЦИРААТ ЗА ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА Првиот човек на нивната комора вели дека се неинформирани
Министерот за економија планира преку директни средби со занаетчиите и малите бизниси да им ги појасни условите на сите мерки за кои има јавни повици.
Во полошкиот регион само 7% од занаетчиите и малите бизниси се пријавуваат на јавните повици за државна поддршка и тоа разочарувачки факт, рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши кој денес беше во работна посета на Гостивар.
Дурмиши имаше средба со занаетчии и сопственици на мали бизниси од гостиварско како дел од иницијативата и акциски план на ресорното министерство и е трета средба по оние во Чаир и Прилеп. Тој на овие средби ги објаснува условите во објавени јавни повици за поддршка на мали и средни претпријатија и занаетчии, но напомена дека одѕивот е слаб, особено во тетовско-гостиварскиот регион.
– Факт што е разочарувачки е дека само 7% од полошкиот регион аплицираат на овие јавни повици. Така што, ние ќе му дадеме повеќе внимание за да се биде исто како и другите региони. Ќе ги информираме за начинот за аплицирање и ќе зборуваме со нив за нивните предизвици и да им излеземе во пресрет – изјави Дурмиши.
Тој не ги знае причините за ваквиот одзив и напомена дека на овие средби ќе се добијат повеќе одговори со што како што рече ќе се сопре трендот на намалување на бројот на занаетчии.
Првиот човек на националната комора на занаетчии, Агрон Фазлија, посочи дека причина за слабиот одзив на јавните повици е неинформираноста, но и незаинтересираноста на сметководителите кои, како што рече треба да ги упатат занаетчиите за можноста да добиваат финансиска и друга поддршка
– Повиците се на веб-страната на Министерството за економија, сметководителите треба да ги информираат своите клиенти бидејќи тие плаќаат за тоа. Нема секој занаетчија можност да го најде повикот и да знае кои документи му се потребни. Затоа националната комора ова го лоцира како конкретната причина за малиот број на пријави – рече Фазлија.
Тој на новинарско прашање како да се подобри оваа ситуација, одговори дека тоа ќе мора да се прави низ директни средби со сметководителите за да им се објаснат мерките и да има што повеќе вршители на занаетчиска дејност кои аплицираат за мерката.