Раке пуке, раке шлаке
Дај боже утре некој граничен полицаец да ја испраша Северина пред гостувањето во Крива Паланка. На пример, за внесувањето на Бугарите во Уставот. Па кога може да одговара за Јасеновац, за Сребреница, за литиумот... Еве што би одговорила Севе на болната тема.
Српската гранична полиција четири часа ја испрашувала Северина за Јасеновац, за Сребреница, за литиумот… Само за она филмчето не ја прашувале. Увиѓавни момци.
„За Северина мислам сѐ најлошо, но тоа што ја држеле на граница е глупаво“, изјави Алексдандар Вучиќ.
„Северина е полоша од шверцерка и од дилер на дрога“, контрира славната Карлеуша.
Констракта, ѕвездата на Евровизија, на Инстаграм ја поддржува Хрватицата.
„Северина е мајка и сопруга на Србин“, ќе изјави водителката Јована Јеремиќ. Онаа…
Зошто сега овој мал попис на изјави и наслови од македонските медиуми за новиот „случај Северина“?
Еве што сакам да ви кажам.
Сето тоа што се случува со и околу Северина во овој момент, сите тие реакции, изјави и коментари, сето тоа заедно се нарекува – естрада. Во случајов, да бидеме попрецизни, тоа е политичка естрада.
Доаѓаме до прашањето што го поставуваат сите наши почитувачи на „традиционалните“ вредности на журнализмот (кои, нели, се негуваат само во „традиционалните медиуми“), заедно со еден буљук мерко-сколари, експерти и енџио-паразити: зошто на македонските онлајн медиуми и на социјалните медиумите се објавуваат овие вести?
За нив, овие содржини се – ѓубре.
А македонските онлајн медиуми и социјалните мрежи се – дно дна.
Прашањето има и потпрашања: Зошто објавуваме српско „ѓубре“? Зошто баш од српските дно-дна-медиуми? Не може ли и од бугарските? Не е ли коректно да се земе 20 отсто од албанските?
Би можел на ова прашање да одговорам со контранапад врз „традиционалистите“. И да ги потсетам дека нема повеќе ѓубре, кич, разврат и насилство, од она што се прикажува на македонските национални телевизии. Да да, во „најтрадиционалните“ медиуми.
Турски серии, ријалити шоуа, невидени глупости и лајнарии. Тука вбројувам и дел од политичките „дебатни емисии“, а бездруго и утринските сеанси кои ранобудните гледачи ги чекаат со душа, за да дрват за политика.
Но, тоа не е аргумент по моја мерка. Мојот аргумент е следниов – спектарот на општественото мислење во едно цивилизирано и пермисивно општество треба да го одрази богатството од ставови, мислења и коментари од луѓе од најразлични области. Никој не треба да ги дискриминира луѓето и така да ја обесхрабрува таквата артикулација на различни мислења во јавниот дискурс.
Се сеќавате, нели, порано велевме – цело е кога има сѐ. Има многу вистина во таа крилатица. Едно општество е комплетно кога има с ѐ. И вистинска политика, и политичка естрада, и популизам, и манипулации. И морал, и неморал. И опера и балет, и рок и поп музика, но и класичен кич и фолкерај. И вистински, но и лажни филозофи и интелектуалци – во политиката, на универзитетите, но и на естрадата.
Тоа што некои глупави џандари ја испрашувале Северина за Јасеновац, за Сребреница и за литиумот, води кон претпоставката дека таа нешто знае за овие теми. И дека има општествено релевантен став за нив.
А реакциите, пак, укажуваат на тоа дека Вучиќ, Дачиќ, Карлеуша и другите имаат исто толку општествено релевантни ставови за Севе и за нејзиното мислење. Кое е вредно за да се има став за него.
Дури и онаа шуша Јеремиќка мисли така. Таа, патем речено, се сети и на филмчето на Севе. И ја поддржа. Да, баш за филмчето. Кое речиси никој не го видел, што би рекла главната актерка.
Најновиот „Случај Северина“ ме потсети и на едно шокантно интервју на славната српска фолкерка Силвана Арменулиќ, од пред четириесеттина години, во еден тогашен популарен југословенски магазин. Мислам дека беше тоа во „Дуга“, но не сум сигурен. Кој чул за „Дуга“, чул, кој не знае, нека просурфа.
Како и да е, сите тогаш бевме шокирани од елоквентноста и од остроумноста со која жената што ја пееше „шта ќе ми живот без тебе драги“ ги коментираше актуелните состојби во политиката, во културата и во општеството во целина.
Се сеќавам што помислив тогаш – а зошто ние во Македонија немаме вакви, како Силвана?
И денеска си го поставувам истото прашање.
Веројатно затоа што сме се убедиле дека ваквите како некогаш Силвана, а сега како Севе, или како некоја трета или некој трет таков, се само „дно дна“. И дека естрадата, вклучително и политичката, е лоша работа што треба да се избегнува и да се осудува. И дека естрадните ѕвезди не смеат да имаат мислења за ништо друго освен за своите песни, за своите спонзори, за извајаните тела и за меѓуножјата, а секако најмногу за неизбежните врски, бракови и разводи.
Такви се нашите македонски „ѕвезди“. Такви трпи и толерира нашето општество. Такви сака, всушност.
На пример, кај нас најпопуларна естрадна ѕвезда деновиве на социјалните мрежи е една згодна дама, која пее: „Дали некој ќе ми објасни, што е бројот 69, тој како награда од мене добива – опасно гушкање во кревет“. После момата му кажува на „мачето“ свое „шарено“: „Ќе бидам вечерва, твојата вечера, а ти моето цунами“.
Е сега, штосот е што оваа дама е горда што не мора да мисли на некои блесави политички и општествени теми. Па пее: „Е баш ме заболе, одоздола па нагоре, раке пуке, раке шлаке, сѐ до сабајле, а за друго не ми е гајле“.
Тоа е. Раке пуке, раке шлаке…
Ние во Македонија немаме северини, карлеуши, па ни јовани… Кои нешто мислат и на кои им е гајле. Не е тоа најважното, секако, но сепак не сме комплетни. Немаме ни фолкерај во вистинска смисла на зборот. Ни старлети, па ни спонзоруши. Немаме извајани, освен во модерен стил, како да ги вајал Пикасо. Или некој киропрактичар. Општо земено, немаме ни естрада. Баш никаква.
Ако ни се такви „ѕвездите“ на естрадата, зошто очекуваме поинакви да ни бидат „ѕвездите“ во политиката, во бизнисот, во болниците, на универзитетите? Зошто очекуваме да им биде навистина гајле, на пример, за ЕУ и НАТО, за името, за Бугари во Уставот, за коридорите 8 и 10, за линеарното зголемување на пензиите, за Трамп и за Путин, за Газа маза?
Да не е еден Тричко, на пример, ние не би можеле да се пофалиме дека имаме барем рудимент од нешто што во нормалниот свет се нарекува политичка естрада. Добро, типот е како оние гробари Топаловиќи во „Маратонците го трчаат почесниот круг“, но ако се пренебрегнат таа негова фатална ролја на мртвозорник и неговата комична цитатоманија која од него прави паланечки „филозоф без причина“, мора да се признае дека не му недостасува талентот на класичен македонски (пардон, севррномакедонски) уметник на политичката естрада.
И тој, јасно, е опседнат со раке пуке, раке шлаке, одоздола па нагоре, а за друго – не му е гајле.
Нејсе…
Поенатата ми е дека и овие нешта покажуваат дека сме сиромашна земја. Во секој поглед.
Но, утре Северина ќе ни пее во Крива Паланка. Некој ќе биде посиромашен за илјадници евра за нејзиниот хонорар, но затоа сите ние ќе се почувствуваме богато. Макар на еден ден. Затоа што ни доаѓа вистинска ѕвезда која настапува професионално и која, одозгора на тога, има мислење за Јасеновац, за Сребреница и за литиумот.
И дај боже некој наш граничен полицаец да ја запре Севе едно два саата и да ја испрашува за сите поважни политички теми што не мачат нас, Македонците. На пример, за внесувањето на Бугарите во Уставот. Сигурен сум дека таа има квалитетен став и за тоа прашање. Јас мислам дека како пушка би одговорила:
„Ма немојте тооо, јебо вас Бог, драги моји Македонци, то вам је уистину – раке пуке, раке шлаке!“
А ако е некој експерт…