ГЕОГРАФИЈАТА НЕМА ДА ЈА МЕНУВАМЕ… А ИСТОРИЈАТА? Последна порака на бугарскиот амбасадор пред заминување, Мицкоски најави кадровски промени во мешовитата комисија

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека актуелната мешовита комисија не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. 

682

Бугарскиот амбасадор во земјавата Ангел Ангелов, чиј мандат завршува во петок, денеска изјави дека се надева оти Бугарија по изборите на 27 октомври ќе добие нова влада и дека потоа ќе може да се почне интензивен дијалог меѓу двете земји. Не преговори, вели тој, затоа што преговори не може да има за нешто што е договорено и тоа мора да почне да се исполнува.

– Мене во петок ми завршува мандатот. Веќе бев кај министерот Муцунски за да си кажеме довидување. Ние сега имаме избори. Изборите ќе бидат на 27 октомври и се надеваме дека ќе добиеме влада со која што ќе можеме да влеземе во интензивен дијалог. Се разбира не преговори, затоа што преговори не може да има за нешто што е договорено. Тоа што е договорено мора да почне и да се исполнува. Ние географијата нема да ја менуваме и ќе останеме соседи. Ние треба да имаме интензивна комуникација, вклучувајќи ја и историската мисија – изјави Ангелов.






Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека многу брзо ќе има кадровска промена во мешовитата историска комисија со Бугарија. Според него, актуелната мешовита комисија не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ.

– Не, политичка позадина нема. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно. Лично, ако мене ме прашувате за мислење, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика – изјави Мицкоски на манифестацијата по повод роденденот на Мајка Тереза.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.

Комисијата е составена од историчари и професори од двете земји, а македонскиот тим го предводи академик д-р Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.

Амбасадорот на Бугарија денеска заедно со министерот за здравство Арбен Таравари и со градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Стојковски извршија увид во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар.

Поврзани содржини